Ќерката на Колинда излезе од сенка: Катарина го освојува светот на лизгалки

by fokus

Хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ секогаш го привлекувала вниманието на јавноста, како поради професионалните ангажмани, така и поради приватниот живот, кој уште од самиот почеток на стапувањето на функцијата во 2015 година, се труди да го држи подалеку од очите на народот.

Она што е познато за неа е дека со сопругот Јаков е во брак 22 години и имаат две деца, ќерката Катарина (17) и синот Лука (15). Децата на хрватската претседателка не присуствуваа ниту на нејзината инаугурација пред три години, а тогаш таа изјави за хрватските медиуми дека сака да ги заштити од јавноста. Сепак, младата ќерка на претседателката изминатиот период е се поактуелна во јавноста, поради својот талент и желбата да се докаже во уметничкото лизгање на мраз.

Седумнаесет годишната девојка ќе ја претставува својата земја на натпреварот Златна пируета, кој по 51 пат ќе се одржи во Загреб, од петти до осми декември. Таа ќе настапи со јуниорите, а хрватските медиуми и предвидуваат блескава кариера на младата лизгачка. И минатата година Катарина се претстави на ИСУ Гранд При во уметничко лизгање во Загреб, а на трибините ја бодреа родителите.

Тогаш таа беше една од 120-те лизгачки од 36 земји од светот кои учествуваа на настанот. На интернационалниот натпревар во уметничко лизгање во Загреб таа беше најдобро пласирана лизгачка од Хрватска и го освои 23-то место. Лани, исто така учествуваше на EYOF во Турција, каде заврши на 11-то место, а беше победник и во кратката програма на првенството во лизгање во Хрватска.

Вики Клинчарова

Фото – Марко Прпиќ

Поврзани новости