Ќерката на Џафери магистрирала со 10 и поседува правосуден испит, но не се знае по кој критериум била избрана во ЕЛЕМ, рече Ивановска

by fokus

На новинарско прашање до каде со 18 предмети за судир на интереси отворени на 18 јануари годинава, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, денеска информираше дека два предмета се затворени.

Во првиот случај за вработувањето на ќерката на пратеничката Емилија Александрова во Фондот за иновации и технолоши развој добиле информација дека таа воопшто не конкурирала таму.

Во вториот случај – за сопругата на поранешниот градоначалник на Берово, Звонко Пекевски, Ивановска истакна дека добиле информации оти таа била ангажирана со договор на дело како наставник во основно училиште две години, по што по автоматизам и се трансформирал работниот однос во редовен работен однос.

За вработувањето на ќерката на претседателот на Парламентот, Талат Џафери во ЕЛЕМ, Ивановска истакна дека тие добиле информации од компанијата, но ги сметаат за недоволни. Појасни дека според стручноста, ќерката на Џафери има завршено Правен факултет, магистрирала со 10 и поседува правосуден испит, но дека не се знае по кој критериум била избрана на конкурсот за вработување, и нема информации за останатите кандидати кои се пријавиле на конкурсот.

Запрашана за тоа дали со распишаните тендери во Собранието за време на избори се крши Изборниот законик, таа нагласи дека се што е во рамки на редовно извршување на работите не се смета за прекршување. Најави дека ДКСК планира да спроведе поопсежна анализа во однос на систематизацијата на вработувањата во јавните компании.

Поврзани новости