Кен Волак: Сега се чувствува новиот политички кислород во Македонија

by fokus

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска ја прими во посета делeгацијата на Националниот демократски институт од САД, предводена од Претседателот на НДИ, Кен Волак.

Премиерот Заев, во негово име, и во име на Владата на Република Македонија, која на средбата ја претставуваа и Заменичката претседателка на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, изрази благодарност за поддршката што НДИ ја остварува веќе низа години, особено во делот на зајакнувањето на капацитетите на работењето на Собранието на Република Македонија и во делот на развојот на граѓанското оштество.

Претседателот на НДИ, кој на средбата беше придружуван од регионалниот директор на оваа организација Роберт Бенџамин, и од Крис Хеншоу, директор на НДИ за Македонија, изрази честитки за изборот на новата влада, како и за изборот на Зоран Заев за претседател, и изрази уверување дека соработката меѓу НДИ и нивните партнери во владата, во собранието и во граѓанскиот сектор, ќе продолжи и понатаму.

НДИ е долги години во Република Македонија, но нашиот впечаток е дека сега се чувствува новиот политички кислород во земјата, истакна на средбата Претседателот на НДИ, Кен Волак.

Претседателот на Владата Зоран Заев, рече дека тоа се резултати и на инсистирањето на новата влада на поголема инклузивност во политичките процеси, во кои покрај учеството на граѓанските организации, особено значајно е функционалното работење на Собранието на РМ и на вклучувањето на опозицијата во потрага по одговори на прашањата од интерес за граѓаните на Република Македонија.

Поврзани новости