Келе, човекот што зборува со змии предупредува: Не чека змиско лето!

by Fokus

Келе Змијата, односно Скендер Јусуфов од неготинското село Криволак, за кого што уште лани пишуваше ,,Фокус”, познат во регионот како човек што збори со змиите и ги лови со гола рака, предупредува дека ни претстои период на наезда од змии.

Четириесет и четиригодишниот шепотач на змии веќе неколку недели не можел глава да крене од загрижени луѓе, на кои што им влегле змии во дворовите, викендиците, куќите, па дури и автомобилите, и постојано го барале да им помогне и да ги фати непожелните гости.

Вели дека за разлика од лани, оваа година добивал три пати повеќе повици, и во рок од околу три седмици успеал да фати десетици змии и смокови.

,,Откако се затопли времето, секој ден ѕвони телефонот. Преплашени луѓе ме бараат во паника, молат за помош. Фатив десетици смокови, кои што не се отровни, но и десетици шарки, многу отровни и опасни змии. Шарките ги има и во црна боја, нивниот отров е многу јак посебно во ова време на годината, а се случува да се појават и во дворови, дури и во внатрешноста на живеалишта.

Ги предупредувам сите кои што имаат викендици во кои што не влегле цела зима, да бидат многу внимателни.

Токму од сопственици на викендици добивам најмногу повици. Но има и доста случаи кога змиите влегуваат во автомобилите, и за време на возење излегуваат од моторот. Сцените не се пријатни, па испаничени луѓето бараат помош” – раскажува Келе.

Тој ги лови змиите со помош на шепотење и зборење, кое што го нарекува Басма, и го научил пред дваесетипет години, кога чувал овци во околината на Криволак. Стариот овчар Коста му ја пренел техниката на лов, која што ја изучувал цела година, пред да се осмели да ја фати првата змија.

,,Луѓето мислат дека додека одат во природа или престојуваат во викендичка, ако имаат куче со нив, тоа ќе ја насети змијата. Но воопшто не е така, и често се случува и кучињата да бидат каснати од змија. Од животните, единствено мачките можат од далеку да насетат змија” – вели човекот што им збори на змиите.

Раскажува дека со себе никогаш не носи противотров, и досега не се случило да биде каснат. Откако ќе го повикале на местото каде што влегла змија, започнувал да ја кажува Басмата, и змиите сами по половина час доаѓале кај него. Ги ловел со гола рака и потоа ги пуштал во шумите.

,,Во изминатиов период имам работни обврски, но луѓето кои што имаат мака научија каде работам и речиси секое утро ме чекаат на работа, ме молат да им помогнам. Колку и да сум зафатен, се трудам никого да не го одбијам, но верувајте дека телефонот не престанува да ми ѕвони овие три недели. Со години не било вака.

Затоа, ги предупредувам сите љубители на природата, планинари, велосипедисти, па и жители на урбани средини, да бидат внимателни.

Добро да проверат каде стапнуваат, ако наоколу има треви и грмушки.
Да не оставаат торби и ранци на земја, оти змиите можат да им се вовлечат внатре, па ќе си ги донесат дома.

Да не паничат ако им излезе змија пред шофершајбната за време на возење, да реагираат смирено.

Знам дека стравот и паниката се големи при средбите со влекачите, но и змиите се плашат од луѓето” – порачува Келе.

Сите кои што имаат потреба од негова помош, може да го побараат на 075 693 642.

Вики Клинчарова

Поврзани новости