Ќе стои ли Таче молкум ако во Скопје отворат клуб „Мане Мачков“?

by fokus

Петков „се оградуваше“ од наци-оналистичките ставови на луѓе како Ангел Џамбаски, се претставуваше како „човек од Харвард“, но матрицата по којашто се поведува Петков им е иста. Осум децении по депортацијата на Евреите, Софија на највисоко државно ниво во Македонија долета сама да отвори клуб со име на нацистички соработник.

Пишува: Наум СТОИЛКОВСКИ

Бугарија не сака добрососедство, Бугарија сака да ја понижи Македонија, и тоа и е единствената цел, без разлика кој и е премиер! А СДСМ сето ќе го премолчи сокриена под ќебе. Сега тоа им е на сите јасно, дури и на оние со розови очила. Друго и не постигнаа со именување „Ванчо Михајлов“ на „културен центар“ среде Битола.

Уште во најрано образование се учи за соодветно именување на работите. „Ванчо Михајлов“ асоцира на културен клуб, онолку колку што „Одмор-Травел“ асоцира за месарница. Во една колумна за истото ова го учев малиот европратеник Ангел Џамбаски, којшто е пратеник од – замислете- ВМРО-Бугарко национално движење. Македонска револуционерна организација, ама види богати, бугарско национално движење!? Оксиморон.

Ист оксиморон како името на Ванчо Михајлов за институција од културата отворен од Кирил Петков. Петков „се оградуваше“ од наци-оналистичките ставови на луѓе како Џамбаски, се претставуваше како „човек од Харвард“, но матрицата по којашто се поведува Петков е иста, наци-оналистичка.

Сега е претерано јасно дека ние немаме заедничка историја. Ниту споделена историја за славење. Ниту нешто за заедничко славење. Бугарија и годинава како и претходните триесет години ја пропушта приликата за создавање заедничка, споделена историја. И настани за одбележување.

НЕМА НАРОД, ЗА ДА НЕМА МАЛЦИНСТВО

Ниеден наметнат договор не може да биде посилен од, на пример, Бугарија да ја искористеше приликата и да го признаеше македонскиот народ- не дека пати за признавање- туку Бугарија да не го одвоеше од постоењето и признавањето на посебна македонска држава.

Ниеден наметнат договор немаше да има посилна улога за прослава доколку Бугарија не се одважеше и при оние луди блокади од Грција на почетокот на македонската независност и целосно се отвореше за помош за нафта и храна.

Ниеден договор нема да го замени чувството дека Бугарија ветила а не исполни, според зборовите на Венко Филипче, дека ќе помогне за побрзо Македонија да се снабди со вакцини за короната. Или сега, кога неспособната власт не остави без зејтин и брашно. Или да побара заеднички пазар за јаболката и другите земјоделски производи…

Сега дури имам чувство дека „ванчомихајловистите“ имаа себична цел да не се префрли огнот преку границата, па дојдоа да гаснат шумски пожари. Да не ги зафати пожарот од Македонија. Затоа и сега дојдоа да порачаат дека нема македонско малцинство во Бугарија. Затоа ли нема народ- за да нема малцинство?

Еј, осум децении по депортацијата на Евреите, Софија на највисоко државно ниво во Македонија целосно сама долета да отвори клуб со име на нацистички соработник! А македонската влада се дозакопа во понизноста.

Дозволи бугарската официјална делегација од премиер, прв дипломат и претседателска функција, САМИ да отвораат институција, и тоа со име Ванчо Михајлов, и тоа во градот од каде пред 79 години беа депортирани 3.276 битолски Евреи- токму и само од Бугари и токму и само од оние со коишто соработувал Ванчо Михајлов. Оваа делегација денес можеше да се извини за овој чекор.

БУГАРСКИ „АДМИНИСТРАТИВЕЦ“

Можеше во Битола да возобнови и клуб со име „Мазвентил“, познат во Битола пред окупацијата по свадбени гозби. Можеби тогаш и Бујар Османи немаше да чека сокриен зад бандера да мине „парадата“ за да ги однесе- во трафостаница. Можеби така и Таче немаше да се свие под ќебе, поверојатно затруен заради тоа што му се случува во државата, отколку од храна.

Да бидам искрен, сакав да пишувам за образованието и борбата за достоинство на воспитачите, наставниците и професорите. Ним власта им врши притисок и јавно им се заканува во време на штрајк. Сега кога сета Македонија ги виде заевци како се кријат од случувањата во Битола, а на сила сакаат да го рушат штрајкот, Синдикатот ја добија најголемата јавна поддршка!

Кога станува збор за образованието и за иднината, сигурен сум дека и овој момент ќе се најде во учебниците. Институционално насилство врз синдикатот и штрајкот на оние коишто треба да ги учат децата и молк и наведната глава пред од оние кои непречено си долетаа да прослават соработник на фашистите!

Ова многу ме потсети на мојот долг разговор со Кочо Битољану, „пукачот“ екранизиран во филмот „Истрел“, којшто ми ја долови сета ситуација пред, за време и по атентатот врз Мане Мачков, познат бугарски, според актуелната македонска влада, „административец“ од втората светска војна.

Мане бил дел од синдикатот, зародиш на македонскиот отпор, дури и благајник, ама му лепеле прстите и ги прокоцкал парите. Кога бил фатен и му било „пресудено“ да ги врати парите, отишол во бугарската полиција, сите ги предал, па бил ангажиран, вработен, награден полициски пулен и најголем крвник и кон оние довчерашни соборци.

Знам дека ме читаат, дури и во Софија. Може сега ќе се сетат во Скопје да отворат клуб Мане Мачков. Само не знам дали пак Таче ќе проголта нешто расипано или ќе му наредат да стои молкум?

Поврзани новости