Ќе се тестира и бебето на родилката со корона вирус

by Fokus

Министерот за здравство, Венко Филипче увери дека 27-годишната жена од Куманово, која била заболена од корона вирусот, а се породила на Клиниката за гинекологија во Скопје, била третирана според сите протоколи.

На прес-конференција тој информираше дека таа била примена на 30 март кога е породена со царски рез.

Претходно, таа се пожалила на висока температура и суво грло – симптоми што ги имал и член на нејзиното семејство, па ѝ бил направен тест за ковид-19, кој се покажал позитивен.

Со влошена состојба на белодробните крила, родилката сега е префрлена на Инфективната клиника, а бебето е задржано на интензивната нега на ГАК и е изолирано.

„Бебето не е на респираторна машина, туку само на кислородна поддршка. Денеска и за него ќе биде земен брис, иако консултиравме стручна литература и во многу мал број има случаи на вертикален пренос на вирусот од страна на мајката“, истакна Филипче.

Што се однесува за 37-годишната родилка од Охрид, која синоќа почина во Скопје, Филипче изјави дека сè уште се чекаат резултатите. Вели дека со Брза помош била донесена во Скопје во попладневните часови, со висока температура и мртов плод.

„Направени се целосни анализи, земен е брис за корона вирусот, лекарите оперативно го извадија плодот, од стомакот евакуиран е и гној што може да е причина за фебрилноста, но во секој случај се чекаат резултатите од брисот. За време на интервенцијата се влоши состојбата, направен е обид за реанимација, но во 22 часот е констатирана смрт“, додаде Филипче.

Поврзани новости