Ќе се снима филм за животот на Аца Лукас

by fokus

Откако од денес се најде во продажба новиот албум на српската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас, од неговиот ПР тим најавуваат издавање на книга за него која ја подготвил Вања Булиќ, но и филм инспириран од неговиот бурен живот. Детали за филмот се уште не се откриваат и нема информација која актерска екипа ќе биде ангажирана.

Контроверзниот музичар познат по својот боемски начин на живот, често пати бил мета на критики и служел како лош пример, но и покрај тоа неговите концерти секогаш се распродадени и привлекуваат голем број на публика. Посебно во Македонија, каде во минатото беше чест гостин.

Поради забраните за настапи поради корона вирусот, тој лани ги откажа концертите во Србија и Босна. И покрај тоа што му беа откажани настапите во регионот, кај нас беше најавен негов концерт на почетокот на август, во Охрид. По најавата, следеа бурни реакции во јавноста, дека еден таков настан не е безбеден за здравјето и ќе придонесе за ширењето на вирусот, со оглед на тоа што неговите настапи се познати по еуфоричната атмосфера, и истиот беше откажан.

Но, Лукас не се откажа од намерата да запее во Македонија минатото лето, и покрај реакциите сепак одржа концерт во Охрид на 30-ти август, во Парк Голден Бич, што всушност беше и неговиот единствен настап среде пандемија.
На истиот имаше околу 200 гости кои седеа на високи маси и беше забрането играње. Тогаш организаторот ни изјави дека кога се сака, се е можно, и како сите мерки се почитувале, а гостите се воздржале од качување по масите и туркање пред бината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости