Ќе се проверува дали била под дејство на алкохол жената која прегази пешак синоќа во Ново Лисиче

by fokus

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи и претставници на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, синоќа извршиле увид на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во скопската населба Ново Лисиче, каде во сообраќајна несреќа еден пешак го загуби животот.

„Според првичните сознанија, несреќата се случила кога 57-годишниот пешак излегол на булеварот надвор од обележан пешачки премин. Притоа, на него налетало возило Шкода октавиа со германски регистарски таблички, управувано со полномошно од македонска државјанка. Од ударот, пешакот починал на лице место“, информираат од Јавното обвинителство.

Од таму додаваат дека по наредба на јавен обвинител, телото на починатото лице е предадено на обдукција, а ќе се испитува и присуство на алкохол во крвта и урината на возачот на автомобилот.

„Од Министерството за внатрешни работи е побарано да изврши проверка на снимките од видео надзорот на околните објекти и на системот „Безбеден град“ со цел да се утврди дали камерите го регистрирале настанот. Во насока на утврдување на фактичката состојба ќе биде издадена и наредба за сообраќајно-техничко вештачење“, соопштија од Обвинителство.

Поврзани новости