Ќе се преиспитува потребата од постоење на Музејот на ВМРО

by fokus

Во Министерството за култура се чешла документацијата поврзана со отворањето и управувањето на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, попознат како Музеј на ВМРО или Музеј на жртвите од комунизмот. Исходот треба да покаже дали се во врска со музејот е направено согласно законите.

Работна група формирана од Министерството во следниот период ќе изврши евалуација на музејската дејност во Македонија. Во рамки на таа анализа, велат од таму, ќе се преиспита и потребата од постоење на овој музеј.

-Во моментов две работни групи оформени од Министерството работат на ревизија и анализа на проектот „Скопје 2014“, во чии рамки припаѓа и овој музеј. Ревизијата треба да даде одговори и за закнитоста, одржливоста и оправданоста од негово функционирање, како дел од македонскиот музејски систем. Согласно наодите на нашите работни групи и стратешките определби на програмите на Министерството, ќе дојдеме до решенија кои ќе бидат изнесени пред јавноста на јавна расправа – вели портпаролот на Министерството за култура, Петрит Сарачини.

За иднината на овој музеј ќе решава јавноста. Во консултација со граѓаните Министерството ќе ја донесе конечната одлука како понатаму ќе функционира оваа установа, која предизвика бројни контроверзии.

Само за шест уметници од Украина, кои насликаа масовни сцени со реалистични прикази на настани од македонската историја, беа потрошени 770.000 евра. Со уметниците се преговараше во четири очи, без објавување на оглас.

Во музејот има вкупно 109 восочни фигури, дел од нив се во чест на Тодор Александров, Мара Бунева, Ванчо Михајлов, Гоце Делчев, Крсте Мисирков. Сместени се во дел од тринаесетте оделенија кои секој посебно ја претставува историјата на македонскиот народ во различни периоди.

Цената за изградба и опремување на музејот достигна сума од 16 милиони евра, откако со физички и правни лица беа склучени над 80 договори. Околу 50 договори се склучени само за изработка на масовните сцени, уметничките слики и портретите.

Пред две години музејот склучи уште еден договор со кој 612.000 евра беа потрошени за пренамена на конференциската сала.

Директор на музејот е се уште Бранислав Светозаревиќ, поставен на оваа функција од неговото отворање во 2010 година. Од Министерството немаат одговор дали и овој директор ќе биде опфатен во бранот на кадровски смени. Велат дека се уште трае изборниот период и до локалните избори не може да се размислува за тоа.

-В.Д. директорите доаѓаат од самите колективи и на функција се шест месеци. Потоа се распишува конкурс за сите национални установи. Општа ревизија имавме во сите институции и таму каде што утврдивме прекршувања интервениравме веднаш. Освен тоа на некои места наидовме на опструкции и поставивме в.д. директори за да ги отвориме документити и материјалите каде што сметавме дека е тоа потребно. Така што процесот со в.д. директори е само привремено решение за ослободување на институциите – вели Сарачини.

Овој музеј беше под истрага во Специјалното јавно обвинителство кое отвори предмет наречен „Тендери“. Поранешната министерка, Елизабета Канческа Милевска, е обвинета за злоупотреба на службена должност и сторена лична корист за друго лице. Се товари дека во период додека се градел објектот, склучила договор со градежната фирма „Бетон“ без завршена постапка за јавна набавка, за што потоа биле исплатени еден милион евра.

М.В.

Поврзани новости