Ќе се постапува против вознемирување врз ЛГБТ популацијата на социјалните мрежи

by fokus

Во пресрет на втората Парада на гордоста која ќе се одржи во Скопје на 26-ти јули, уште помасовно ќе се следат и ќе се постапува во случаи на вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет на социјалните мрежи и медиумите, известуваат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Од таму, ги повикуваат сите надлежни органи да ги преземат сите потребни мерки кои ќе овозможат безбедна Парада на гордоста и спречување на говорот на омраза во пресрет на истата.

Втората Парада на гордоста (Skopje Pride) ќе се одржи под слоганот ,,Вон ѕидовите!”, во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поддржува Парадата на гордоста како начин на славење на слободата, различноста, прифаќањето и еднаквоста. Настанот ќе го отвори нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев. Минатата недела тој беше гостин и на Парадата на гордоста во Софија, соседна Бугарија.

-Една од причините за годинашниот слоган е тоа што сите ние бевме затворени повеќе од една година. Раса, религија, ориентација, богатство, не беше важно… Светот запре. Па, можеби сега некои луѓе конечно ќе разберат како ние ги живееме нашите животи, принудени да се криеме, заклучени, да не можеме да бидеме тоа што сме и да ја поделиме нашата вистина. Луѓето ќе се обидат да ве скршат, не им дозволувајте! Вистината боли, но ви овозможува да спиете мирно ноќе. Сјаете и бидете си сопствено огледало на љубовта, се гледаме на 26-ти – порача Гарванлиев.

В.К.

Поврзани новости