Ќе се формира специјален суд за предметите на СЈО?

by fokus

Ќе се формира Специјализирано одделение во рамки на Основниот суд Скопје 1, надлежно за предметите од Специјалното јавно обвинителство , дознава СДК.мк од дипломатски извори кои се во тек со преговарачкиот процес за излез од политичката криза.

Специјализираното одделение би имало од судии кои ќе одлучуваат за барањата за притвор и за мерките за безбедност што ќе ги предлага Специјалното обвинителство,  до судии, кои ќе ја финишираат првостепената судска постапка за случаите на СЈО.

Новото одделение ќе биде формирано по урнек на Одделите за организиран криминал и корупција во Јавното обвинителство на Република Македонија и во Основниот суд Скопје 1, чиј творец е поранешниот министер за правда Михајло Маневски.

Специјално одделение во судовите за случаите на СЈО веќе побарале и од опозициската СДСМ, а потврди заменик-претседателката Радмила Шекеринска.

– Точно е дека побаравме специјално судско одделение за случаите што ќе произлезат од работата на СЈО. Само така ќе може да излезе правдата на виделина во ова корумпирано судство – рече Шекеринска во интервју за „Вистиномер”

Сепак, хиерархијата на Специјализираното судско одделение за случаите на СЈО би била иста како таа во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1.

Значи, за жалбите кои ќе бидат поднесувани од странките пред Специјалното судско одделение во Основниот суд Скопје 1, ќе одлучува Скопска апелација.

Поврзани новости