Ќе ,,летаат” тужби поради водата со канабис!

by fokus

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Кавадарци и еден од челните луѓе во компанијата Кодинг Горска, Горан Тодоров, ќе го тужи претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Кавадарци, Зоран Јованчев. Причината, како што информира Тодоров на својата Фејсбук страница, се тврдењата кои Јованчев ги изнел на прес конференција денес, по повод водата со канабис, производ на компанијата Кодинг Горска.

-Претседателот на О.К ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци на денешната прес конференција изнесе еден куп на лаги, манипулации и клевети, а со цел дискредитација моја лична, како и на партијата со која во општина Кавадарци јас раководам.

Најостро ги демантирам лагите изнесени на денешната прес конференција од страна на претседателот на О.К ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Зоран Јованчев.
Одговорно ви тврдам дека компанијата во која сум јас вработен ги поседува сите потребни документи и дозволи, неопходни за производство, дистрибуција и продажба на сите наши продукти.

Лажна вест е дека во продажба се пуштени производи за кои компанијата ја нема обезбедено целата потребна документација.
Исто така лажна вест е дека било кој производ од компанијата во која сум вработен е небезбеден за здравјето на граѓаните.

Имено врз основа на испитувањата направени од страна на Институтот за јавно здравје, посочениот производ е во согласност со барањата за квалитет и микробиолошка безбедност на пијалокот.

Производот содржи природен екстракт од коноп (канабис) кој компанијата го увезува од германска компанија со одобрение на АХВ. Не содржи ТХЦ како што тврди Зоран Јованчев.

Освежителниот пијалок содржи и Б12, Б6, протеин, биотин и останати елементи кои добро влијаат врз организмот.
За сите изнесени лаги на денешната прес конференција лицето Зоран Јованчев ќе мора да одговара.

Кон него ќе биде поднесена тужба за клевета, а паричните средства добиени од истата ќе ги донирам во хуманитарни цели.

Наместо ВМРО-ДПМНЕ да нуди концепти за решавање на проблемите на граѓаните, тие единствено се занимаваат со лаги, клевети и манипулации.
Граѓаните ова го препознаваат и на 12-ти април истите ќе ги казнат – информира Тодоров.

Водата со канабис која се најде во продажба кон крајот на минатата година и може слободно да се купи во маркетите, веќе извесен период го предизвикува вниманието на јавноста.
Дали е безбедна за консумирање од страна на лица помлади од 18 години, што точно и во колкави количини содржи и за низа на други прашања јавноста бараше одговори, бидејќи на декларацијата немаше доволно податоци за производот.

Во пластични шишиња од 0,75 литри, со етикета на која пишува Горска +Релакс, вкус на грејпфрут, канабис, и по цена од 50 до 55 денари, производот за кратко време стана доста популарен.

Во составот, покрај вода, арома и витамини, наведено беше дека има и екстракт од семе од коноп. Напишана е препорака да се чува на ладно и темно место, но околу тоа кои се придобивките од консумирањето на производот и дали евентуално може да предизвика штетни последици, со оглед на тоа што без проблем го купуваат и деца, немаше никакви податоци.

Вчера ,,Фокус” го објави известувањето по претставка на граѓанин, добиено од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, во кое беше наведено дека поради измама кон потрошувачите, преку инспекциски служби на производителот Кодинг Горска му било наложено да го отповика и повлече производот ,,Горска + Релкс”.

-Претставката е основана. Овој производ не добил никаков вид на одобрување од Агенцијата за храна и ветеринарство. Означувањето, презентирањето и претставувањето на производот не се усогласени со законските прописи и се сметаат за измамнички кон потрошувачите. Исто така, операторот го тргна од својата Фејсбук страница презентирањето и претставувањето на овој производ – информираат од Агенцијата.
Инаку, во описот од страна на операторот, беше наведено дека производот е висококвалитетна функционална вода која содржи канабис, истакнувајќи медицински придобивки.

Денес пак, во изјава за НОВА, Димитар Костадинов, сопственик на Кодинг Горска, излезе со став дека компанијата не добила никакво известување од АХВ дека треба да го повлече производот. Според него, од Агенцијата единствено побарале да се додаде на декларацијата дека станува збор за „освежителен безалкохолен пијалок“, и истото го направиле.
Биле изненадени од известувањето од страна на АХВ, кое не го добиле.
И додека двете засегнати страни стојат на својот став, потрошувачите се збунети, посебно поради тоа што е ова нов и недоволно познат производ на нашиот пазар.

Во знак на поддршка на својот сопартиец Тодоров, денес голем број на членови на СДСМ Кавадарци на своите профили на социјалните мрежи објавија фотографии со водата со канабис, порачувајќи дека ја консумираат без страв од негативни последици по здравјето.

Вики Клинчарова

Поврзани новости