Ќе имаме просечно врнежлива зима со натпросечни температури

by Fokus

Зимата 2020/2021 се очекува да биде со натпросечни температури и просечно врнежлива, покажуваат хидрометеоролошките следења и прогнози.

Како што соопшти УХМР, во однос на врнежите кои ќе бидат во рамки на просекот од периодот 1981 – 2010 година, мала е веројатноста за позитивно отстапување во источниот регион на Македонија и за мало подпросечно отстапување во западниот дел. Во декември, особено во првата половина, температурата на воздухот ќе биде над просекот за овој месец. Во втората половина се очекува мало заладување, но сепак температурите ќе бидат над просечните за овој дел од годината. Врнежите се очекува да бидат во рамки на просечни вредности, со незначителна веројатност за малку над просекот во втората декада од месецот.

-Очекуваните влијанија од позитивните отстапувања на температурата на површината на морето во последните неколку месеци укажуваат на пораст на температурите на воздухот и на поголемиот дел од Европскиот континент и на температурите на воздухот во Северна Македонија. Температурите на воздухот во Македонија за период декември 2020 – јануари 2021 – февруари 2021 имаат поголема веројатност да бидат надпросечни, со позитивно отстапување од 1 до 3 степени целзиусови од многугодишниот просек. Отстапувањето се очекува да биде поизразено во источна Македонија, наведува УХМР.

Просечната температура за зимата (декември – јануари – февруари) 1981-2010 г. се движи од -1,5 степен целсиусов во Маврово до 5 во Гевгелија, а просечните зимски суми на врнежи се од 90 милиметри во Штип до 319,4 милиметри во Лазарополе. Просечната температура за Скопје е два степена, а просечната количина врнежи 110 милиметри.

-Напоменуваме дека сезонскиот изглед на времето не може да обезбеди детални информации за интензивни краткотрајни временски неприлики (зимски олуи, екстремно студени периоди, екстремно влажни). За дополнителни и навремени информации потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издава Управата за хидрометеоролошки работи, се наведува во соопштението

Поврзани новости