Ќе има голема свадба, ама по пандемијата, вели Александар Ружин кој се сврши со Александра

by fokus

Бизнисменот и поранешен советник на премиерот Зоран Заев, Александар Ружин (37) се сврши со неговата избраничка Александра. Вчера, на нејзиниот 28-ми роденден, во нивниот дом во интимна атмосфера, тој ја изненадил со свршенички прстен.

Вели дека и покрај тоа што заедно живеат подолг период и кога ќе се случи запросувањето било само прашање на време, успеал да ја изненади Александра, која очекувала само роденденска торта, а не и веренички прстен.

-Кога ја запознав Александра, сфатив што значи тоа дека секој има своја сродна душа, и кога – тогаш ќе ја сретне во животот. Заедно сме повеќе од две години, подолг период живееме под ист кров, имавме доволно време да се прилагодиме еден на друг, да се прифатиме, но и да сфатиме дека не можеме одвоено.
Таа е неверојатна жена, работи како асистент на хирургија во клиниката на д-р Жан Митрев, немаше потреба да се чека повеќе за запросувањето, бидејќи одамна знаев дека е вистинската за мене – раскажува Ружин.

Вели дека имаат идиличен живот и им недостигаат патувањата, кои поради пандемијата се оставени за подобри времиња. Минатата година имале романтично патување во Париз, и ставиле катанци на мостот на љубовта. Уште тогаш знаел дека таа ќе биде неговата сопруга.

-Јас сум роден во Париз, затоа и со Александра имавме патување во мојот роден град. Планирав да ја запросам таму, но поради случувањата со вирусот, планот се смени. Не жалам што вака излезе, ќе имаме многу патувања во иднина, само е потребно сега сите да се стрпиме и да дадеме свој придонес во борбата со пандемијата – појаснува тој.

Исто така, и големата свадбена веселба која ја планирале, вели дека ќе почека некое подобро и побезбедно време.

-Во никој случај нема да правиме свадба додека не помине пандемијата. Па, јас дури и запросувањето го изрежирав сам, немаше никој друг освен нас двајцата присутен. Не сум човек кој би ризикувал нечие здравје, ќе има денови и за свадба и веселба, како што доликува, со многу гости, музика… Сега е најважно сите да се придржуваме до мерките за заштита, тоа мора да биде приоритет за секој од нас – изјави Александар.

Додава дека е посветен на својот приватен бизнис, а за ангажманот како советник на премиерот за економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс ( Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција, моментално е во мирување.

-Бев максимално посветен на мојата советничка функција и организирав многу посети на бизнис делегации од овие земји, но сега поради ковид кризата, се е во мирување. Сите сме во очекување на подобри времиња, а мене најубавото нешто кое ми се случи во ова време – невреме е тоа што мојата сакана кажа Да – изјави Ружин.

Вики Клинчарова

Поврзани новости