Ќе го открие ли обвинителството „болниот ум“ на Диво насеље?

by fokus

Помина една година откако директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу до обвинителството поднесе нови докази поврзани со случајот „Диво насеље“. Тој не откри многу детали, но се појавија очекувања дека можеби со новите докази ќе се стигне до организаторите, логистиката и мотивот за вооружениот напад, од пред шест години, во кој загинаа 8 припадници на МВР, а 37 беа повредени. За разлика од извршителите кои завршија зад решетки, сценаристите на крвавиот настан се уште се на слобода.

-За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент, истакна пред една година Муслиу.

Тој потенцираше дека мозаикот може да се склопи со сознанијата кои се наоѓаат кај дел од осудените, потенцирајќи дека со смртта на водачите на терористичката група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај не исчезнале сите тајни.

-Не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност, поентираше Муслиу, алудирајќи на вмешаност на оперативци од Агенцијата за разузнавање.

Но, и по речиси една година од Обвинителството се уште нема одговор дали доказите се доволни за да случајот повторно се отвори. Од Обвинителството добивме одговор дека се работи по предметот.

-Во насока на расчистување на случајот, предметниот обвинител согласно своите надлежности ги презема неопходните дејствија, прибира докази и информации, по проучување на истите ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, изјавија од Обвинителството за „Фокус“.

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Муслиу, вели дека се надева дека обвинителството ќе ги цени доказите кои им ги доставиле.

-Агенцијата за разузнавање во рамки на нејзината надлежност собира разузнавачки сознанија и секако дека кога ќе добие безбедносно интересни сознанија за кои проценува дека се корисни ги доставуваме до Јавното обвинителство. Но, постапката ја води Јавното обвинителство како надлежна институција, обвинителот или тимот кој работи на овој предмет треба да ја цени вредноста и употребливоста на она што го добиваат од институциите кои му помагаат на обвинителството во обезбедување докази, изјави Муслиу за „Фокус“, одговарајќи на прашањето кои се неговите очекувања за овој предмет, со оглед дека Агенцијата ги обезбеди новите докази.

Неофицијалната верзија која досега се провејуваше во јавноста е дека вооружената група, која изврши напад на 9 и 10 мај 2015 година, наводно била финансиски мотивирана со пет милиони евра, а кои им биле исплатени на водачите на групата. Се шпекулираше и дека нападот е во режија на македонски разузнавачи и политичари од власта, кои ангажирале дебело платени „актери“. Наводно, оригиналното сценарио било поблаго, и требало да го одвлече вниманието на јавноста од експлозијата на тогашните „бомби“ и протести против власта, но на терен работите излегле од контрола.

Тогашните коалициони лидери, Никола Груевски и Али Ахмети си ја ишкаа мувата од капата, а одговорност негираше и тогашниот претседател Ѓорге Иванов, под чија контрола беше Агенцијата за разузнавање. Груевски тврдеше дека напаѓачите сакале да предизвикаат дестабилизација, а лидерот на опозицијата, Зоран Заев го обвини дека постоеле сериозни индиции дека ова е сценарио планирано од носителите на власта.

Инаку, предметот веќе подолг период се наоѓа пред Врховниот суд, откако Апелација ја потврди првостепената пресуда, со која седумина беа осудени на доживотен затвор, 13 обвинети добија казна од 40 години, 20 години петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Четворица од обвинетите пак добија ослободителна пресуда.

Освен што не се дознаа организаторите, на првичното судење, беа заобиколени информациите кои укажуваа и за непрофесионално постапување на МВР, во најмала рака, околку организацијата за сузбивање на вооружената група. Поголемиот дел од безбедносните сили со оклопни возила беа испратени во Отља, а помала група со патнички возила, била насочена во Диво насеље. Ваквата погрешна организациона поставеност е нелогична, бидејќи според сознанија на „Фокус“, вооружената група била следена со безпилотни летала од безбедносните служби, па знаеле дека е главно стационирана во Диво насеље.
Полицајците биле фатени во стапица, па затоа и двајца се убиени во првите минути од престрелката, по што дури тогаш другите сили се насочуваат во оваа населба.

Засега е неизвесно каква одлука ќе донесе Обвинителството, односно дали има доволно докази и сознанија за да ги гони и нарачателите и организаторите на овој крвав настан.
Во него животот го изгубија полицајците Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.

Валентина Вурмо

Поврзани новости