Ќе биде полесно да им се помогне ако станат дел од системот, вели Битиќи за музичарите

by Fokus

Сметам дека на некои барања во овој момент е невозможно да се одговори, но секако креираме механизми за преку системско решавање да се помогне во овој момент или во наредниот период, рече денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи за ултиматумот што го упатија вчера музичарите.

Битиќи порача дека кога оваа категорија граѓани ќе бидат дел од системот и од формалната економија, многу полесно ќе се креираат мерки за помош.

-Познат сум по тоа дека ги сослушувам сите страни. Прифаќам какво било барање зашто доаѓа од потреба. Но, ја слушам и другата страна, здравствените прилики. И како функционер и како човек мене ми е битно здравјето на граѓаните. Сметам дека на некои барања во овој момент е невозможно да се одговори, но секако креираме механизми за преку системско решавање да се помогне во овој момент или во наредниот период. Ги видов на протест, тоа е демократско право. Ако сметаат дека треба да протестираат, во некоја прилика дури и ќе им се придружам, ќе разговараме, но пред се да се грижиме за здравјето, наше и на нашите блиски, да ги почитуваме мерките зашто ќе имаме време и доволно прилики и за прослави и за работа и за надокнада на се што е изгубено, истакна Битиќи.

Тој рече дека пред неколку дена зборувал со фотографите, туристичките водиици, естрадните уметници.

-Зборувам за музичарите, за сите категории луѓе. Има низа страни кои треба да бидат помогнати, на сите досега помогнавме согласно приликите. Секако, им понудивме да бидат дел од системот. За жал, зборуваме за категорија луѓе кои биле надвор од системот. Им понудивме преку активните мерки за вработување да се вклучат на пазарот на трудот и да разговараме за законско решение како најлесно да влезат во системот. Кога ќе бидат дел од системот, дел од формалната економија, многу полесно ќе креираме мерки и за оваа категорија луѓе, напомена вицепремиерот.

Поврзани новости