Ќе биде ли Мицкоски само марионета?

by fokus

Новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го чекаат големи предизвици да ја врати партијата на колосек, по неодамнешниот пораз на локалните избори. Освен тоа, од Мицкоски се очекува да учествува во помирувањето на општеството, додека траат судските процеси на вровот од ВМРО-ДПМНЕ, обвинет за корупција и тешки кривични дела.

Јасно е дека Мицкоски стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ благодарејќи му на Груевски, но дали Груевски влегува во сенка од која ќе ги контролира и управува движењата на неговиот наследник?

Ненад Новаковски, поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за образование, најавува дека Мицкоски нема да претседателствува со ВМРО-ДПМНЕ самостојно. Во изјава за Ал Џезира, тој појаснува дека зад него нема да стои Груевски, туку поголема мрежа на европски политички влијанија.

„Очигледно е дека ќе биде фигура која ќе постапува онака како што ќе му речат неговите надредни, а тоа не е претходното ракооводство на чело со Груевски, туку се работи за конци кои ги влечат од надвор. Ова е организација која е под контрола на фактори кои не е се внатрешни за Македонија. Може да се констатира дека е жалосно што тоа ни се случува 25 години од осамостојувањето на Македонија. На крајот на конците кои се влечат стои Орбан и други подизведувачи на мрежата во Европа. Проблем со кој се соочува цела Европа. Тоа е широка мрежа, ние имавме ваков ужас 15 години. Уште во 2003 рагирав кога беше првиот избор на Груевски дека ќе биде голема катастрофа и дека не треба да се оди по тој пат. Меѓутоа тоа беа преголеми сили кои не дозволија да се реагира“, вели Новковски.

Мицкоски е трет во низата претседател на македонските десничари. Завршил на Машински факултет, каде работел како професор. За разлика од него првиот претседател Љубчо Георгиевски студирал на Филозофскиот факултет, на отсекот книжевност, додека претходникот, Никола Груевски, е економист.

Мицковски својата политичка кариера во ВМРО-ДПМНЕ ја започнува пред дваесетина години. До неодамна беше генерален директор на државната компанија ЕЛЕМ, каде ги туркаше веќе започнатите проекти за рајска градина во Аеродром и барокно рефасадирање на управната зграда.

Според досега пишуваното, Мицковски му беше човек од доверба на Груевски. Работеше како советник за енергетика во неговиот премиерски кабинет. Лојално го поддржуваше и следеше низ месеците политичка криза и низ последните изборни циклуси кога почнаа да паѓаат рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ.

Марјан Ненов, од граѓанското здружение „Но пасаран“ зборува за своите искуство со Мицковски.

„Кога во 2015-та неколку пати протестиравме пред Влада и баравме прием кај тогашниот премиер Груевски, за да ја потпише иницијативата за промена на Законот за енергетика, на крај не прими Христијан Мицкоски. Груевски се криеше позади него ко 3.14ка под кошула. Мицкоски се понашаше ко да завршил виша правна школа кај Чукиќ и Марков, а Груевски го прекрши Законот и не ја потпиша иницијативата. Денес Груевски повторно се крие позади Мицкоски само сега наместо исклучените од Топлификација пред него е членството на ДПМНЕ. Диктатор си е диктатор“, вели Ненов.

Пораки за изборот на Мицковски доаѓаат од различни страни. Европската народна партија преку Твитер му честиташе на Мицковски и му опрача дека на Македонија и е потребна силна опозиција во Собранието за да се преземат потребните реформи.

Од СДСМ, пак, му порачаа да ги напушти политиките на поделби и сеење омраза, а Љубчо Георгиевски го поддржа велејќи дека е единствен неизвалкан со коруптивни афери.

Филип Петровски како одговор на тоа денеска порача:

„Љубчо на минатите избори одработи за Заев. Сега Мицко му се допаѓа. Ок. Јасни се контурите.“

Членството на ВМРО-ДПМНЕ се подели пред одржувањето на Конгресот кога стана јасно дека Мицковски е единствен кандидат за нов лидер. Истакнати членови на партијата се спротивставија на неговиот избор, што фрла црно петно уште на почетокот на неговиот мандат.

 

Поврзани новости