Казни за сите посетители во Зоолошката во Скопје кои ќе ги хранат и вознемируваат животните

by Fokus

Од овој викенд, службите на Инспекторатот на Град Скопје ќе ги казнуваат несовесните посетители кои ќе хранат и вознемируваат животни во Скопје Зоо. Санкционирани ќе бидат и оние кои ќе фрлаат отпадоци во живеалиштата на животните и по патеките.

Под мотото „Подарете љубов, а не храна“ Зоолошката градина Скопје ја започнува кампањата за заштита и благосостојба на животните во зоолошката.

– Низ годините многу несовесни посетители фрлаат храна која е несоодветна и штетна за нив и покрај таблите со кодекс на однесување кои се поставени на влезот и низ градината, каде јасно е истакнато се она што е забрането, соопштија од Зоолошката.

Во Скопје Зоо, потсетуваат оттаму, строго е забрането хранење и допирање на животните, какво било вознемирување на животните и фрлање предмети и отпадоци во нивните живеалишта, тропање по оградите и стаклата, прекачување преку огради и влез во забранети зони.

-Нашите животни имаат свои таблички за исхрана и секоја храна надвор од тоа е штетна за нив. На пример, имаме животни дијабетичари кои не смеат да јадат банана, портокал и јаболко, или пак голем дел животни за кои зелката е најштетна. Доколку посетителите сакаат интеракција и хранење на животни, за тоа постои делот Бејби Зоо, каде под надзор на вработени секој посетител добива пакетче храна за животните и може да ги погали и одблизу да се запознае со процесот на чување на миленик, наведуваат во соопштението.

Поврзани новости