Казнети 295 возачи за пребрзо возење на патниот правец Скопје – Охрид

by fokus

Во рамки на засилените сообраќајни контроли спроведени изминатото деноноќие на патниот правец Скопје – Охрид се изречени вкупно 295 санкции за пребрзо возење.

Како што беше речено на денешната прес-конференција на МВР во Охрид, од изречените казни 18 биле за возење со брзина над 70 километри на час поголема од дозволената, а 104 санкции за возење 50 километри на час повеќе од пропишаното.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски најави дека полицијата ќе продолжи со интензивни акциски контроли во областа на сообраќајот, со цел намалување на бројот незгоди и особено оние со жртви.

– Акциите даваат резултати, ги санкционираме несовесните возачи, а забележано е намалување на бројот незгоди со потешки последици. И на социјалните мрежи и преку медиумите граѓаните ги поздравуваат акциите, тие сакаат ред и безбедност во сообраќајот, рече Ангеловски.

Како резултат на засилените контроли минатата е година со најмал број жртви во сообраќајни незгоди, а трендот продолжува и оваа година.

– Целта е оваа година да дојдеме под сто жртви во сообраќајните незгоди, истакна портпаролот на МВР.

Полицијата врши контроли и ги санкционира сите прекршоци што предизвикуваат опасност за предизвикување тешки сообраќајни незгоди: пребрзо возење, управување со возило под дејство на алкохол, управување возило без дозвола како и нерегистрирани односно непроверени возила.

Поврзани новости