Казна од 5.000 евра за „Интермецо“ бара обвинителството за отстранување на пломбата

by fokus

Основното јавно обвинителство Скопје му предлага на Основниот кривичен суд да издаде казнен налог од 5.000 евра на угостител, кој симнал службен знак поставен од инспектор за животна средина, за забрана за вршење угостителска дејност во рок од 30 дена поради гласна музика.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднеле Предлог за издавање казнен налог против едно лице заради сторено кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат или знак според член 389 став 1 од Кривичниот законик.

-Обвинетиот, на 2 ноември, во деловните простории на правен субјект на улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“, симнал службен знак поставен од страна на овластено службено лице – инспектор за животна средина од Општина Центар. Знакот бил поставен заради осигурување на објектот, а врз основа на донесено Решение за забрана за вршење угостителска дејност во рок од 30 дена, откако со мерења било утврдено дека угостителскиот објект емитувал ниво на бучава над пропишаните гранични вредности. Обвинетиот го отстранил службениот знак за запечатување на локалот, влегол во објектот и продолжил со вршење на дејноста, информираат од ЈО Скопје.

Надлежниот јавен обвинител му предложил на Судот за обвинетото лице да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 50 евра во денарска противвредност.

Поврзани новости