Казна доживотен затвор за тројца од обвинетите во „Монструм“, побара Фетаи

by fokus

На крајот од завршниот збор за случајот „Монструм“, обвинителката Фатиме Фетаи потенцираше дека бара од судот на доживотна кзана затвор да ги осуди обвинетите Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, кои се обвинети за тероризам. За помагање пак побара да бидат осудени Фејзи и Хаки Азири. За Фејзи Азири истакна дека можат да му бидат изречени 15 години, а за Хаки Азири 9 или 10 години.

За Сами Љута, пак, побара ослободителна пресуда бидејќи нема докази.

-Во однос на Сами Љута, за нас како нови застапници, наводите беа спорни уште при преземање на предметот. Се работеше за дејствија кои добиле потврда од Основниот и од второстепениот суд и беше потребно по преземањето на предметот и напатствијата од Врховниот суд да се извлече сигурен заклучок за инволвираноста. Токму таквата анализа доведе до заклучок до кој верувам се убедени сите што го следеа овој судски процес. Нема докази со кои било исполнето делото тероризам ниту друго кривично дело. Од таа причина, се откажувам од обвинението, рече обвинителката.

Таа не ја исклучи можноста во иднина за овој настан да бидат гонети и други лица доколку такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои во бегство.

-Доколку во иднина од исказите на Алил и Африм произлезе дека биле инволвирани и други лица, ќе почне кривична постапка со оглед дека гонењето за вакво кривично дело не застарува, рече обвинителката.

В.В.

Поврзани новости