Кавга во ДИК затоа што на граѓанин му било дозволено да гласа без да се потпише

by fokus 15:31
15:31

Членовите на Државната изборна комисија ја кренаа тензијата на денешната седница каде што се разгледуваат приговорите на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Членовите на комисијата предложени од оваа партија бараат да се поништи гласањето на едно избирачко место во Центар затоа што во кутија биле најдени 352 ливчиња, а во избирачкиот список има 351 потпис.

Членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев, тврдеа дека станува збор за нерегуларност и дека гласањето мора да се поништи, додека членовите на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, сметаа дека станува збор за ситен пропуст кој не влијае на регуларноста.

- Advertising -

Како што беше кажано на седницата, гласач во општина Центар не ги зел гласачките ливчиња за совет и за градоначалник на општината, туку ги зел само ливчињата за совет и за градоначалник на Град Скопје, поради што одбил да се потпише.

На барање на членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, но и на членовите од експертскиот дел, Комисијата го побара целиот гласачки материјал од тоа избирачко место, за да направи увид и да донесе заклучок за состојбата.

Комисијата со мнозинство гласови одлучи и да се повикаат членовите на Општинската изборна комисија и Избирачкиот одбор од спорното место бидејќи му било дозволено на граѓанин да гласа без да се потпише во изводот од Избирачкиот список.

Државната изборна комисија денеска едногласно го офрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој партијата бараше да се поништи гласањето на две избирачки места во Прилеп, поради тоа што копиите од записниците не одговарале на оригиналот.

ВМРО-ДПМНЕ ги достави копиите со приговорот, а ДИК откако го провери ориганалот од општинската изборна комисија, заклучи дека копиите и оригиналите не се еднакви, но процени дека тоа не е причина за поништување на гласањето на двете избирачки места во Прилеп.

 

Поврзани новости