Кавадарци станува безбеден град за пешаците: Соларни светлечки маркери како предупредување за возачите

by fokus

На најфреквентните улици во Кавадарци ќе се постават соларни светлечки маркери, кои ќе овозможат пешачките премини да бидат осветлени ноќе, со лед трепкачи во црвена боја. Тие ќе служат како предупредување за возачите дека се приближуваат кон пешачки премин.

Општината за оваа намена издвои 195.644 денари, со кои се набавени 155 соларни маркери на три улици и на кружниот тек кај автобуската станица во градот.

Според локалната самоуправа, маркерите се опремени со фото волтаици и батерии кои дење сончевата светлина ќе ја претвораат и акумулираат во електрична енергија, со која во ноќните часови ќе се напојуваат трепкачките лед диоди.

На централната кавадаречка улица „Илинденска“ со соларни ќе бидат заменети старите рефлектирачки маркери, а соларни покрај на оваа, ќе се вградат и на улиците „7-ми Септември“ и „Блажо Алексов“.

Пред неколку месеци, со цел да се зголеми безбедноста на пешаците, Кавадарци го доби првиот 3Д пешачки премин, пред училиштето ,,Страшо Пинџур’’. 3Д преминот од далечина кај возачите создава виртуелна слика на подигната бела линија, по што тие ја намалуваат брзината. Од општината тогаш изјавија дека доколку пешачкиот премин се покаже како корисен, во иднина ќе го има и на други локации во градот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости