Кавадарци по трет пат ќе го слави делото на Ристо Соколов: Рокери и трубадури за големиот уметник!

by Fokus

Вечерва со почеток од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе се одржи третото издание на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“.

Манифестацијата е посветена на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов – Сокол и традиционално се одржува на денот на неговото раѓање, 16-ти април, на различни простори низ градот.

Настанот е во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, на кое еден од основачите беше и Ристо Соколов Сокол. Во организацијата на настанот целосно се вклучени членовите на неформалната група уметници “Сокол Арт“, кои денес кративно функционираат како дел од “Алтер Центар“. Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо 2018“ е подржана од Министерството за култура на РМ. На самиот настан ќе бидат изложени дела од Ристо Соколов Сокол (платна, дела настанати од перформанси и др.), за прват со уметнички фотографии ќе се претстави Билјана Соколова Тодоровска, како и фотографија на Јадран Манчев.

Настанот ќе биде дополнет со видео/фото презентација на делото и животот на големиот уметник и човек од неговата приватна колекција, како и од колекциите на неговите долгогодишни соработници Тони Коцев, Јадран Манчев, Марјан Тодоровски, Тони Галабов, Билјана Соколова Тодоровска, Александар Малинков, Деан Мелов Астрато, Трајче Јованов и други, а за музичкиот дел задолжени се членовите на рок бендот Bad-Ass-All и трубадурите од составот “Трио Гранде“.

Ристо Соколов живееше и работеше во Кавадарци како слободен уметник. Почина во родниот град во 2015 година по тешко боледување. Неговата последна изложба насловена ,,Ретро Арт – Нови моменти’’ ќе остане запаметена како една од најпосетуваните изложби во историјата на ликовната уметност во Кавадарци. Тој беше основач на култното кавадаречко уметничко студио „Сокол Арт“ – неговото отворено ателје во кое генерации млади уметници созреаа под негово менторство. Автор е на бројни театарски сценографии, плакати на многу културни манифестации во градот , илустрации на корици на книги и музички манифестации и беше организатор на ликовни колонии.

Вики Клинчарова

Поврзани новости