Кавадарци ќе додели помош за украинскиот народ: Ве секоја војна невините луѓе го извлекуваат најдебелиот крај!

by Fokus

Општина Кавадарци ќе одвои 600.000 денари за украинскиот народ кој се наоѓа во незавидна ситуација поради војната. Оваа одлука вечерва е донесена на вонредна седница, која се одржа по барањето доставено од здружението на Украинци во Македонија, Лесја Украинка.

Седумнаесет советници од кавадаречкиот Совет гласаа За, и единствено советникот на Левица беше воздржан.

Со одвоените средства здружението ќе купи прехранбени продукти, а бизнис секторот од градот исто така ќе се вклучи со свои донации.

Роман Зозулиа од здружението, Украинец кој долги години живее во Кавадарци се заблагодари на граѓаните, на градоначалникот Митко Јанчев, но и на цела Македонија за помошта и поддршката во овие тешки времиња за украинскиот народ.

-Се надеваме дека кризата нема да трае долго, но на братскиот украински народ му е потребна помош. Не се сомневав дека Општината ќе го прими овој повик сериозно, благодарен сум на помошта – изјави тој, додавајќи дека е постојан контакт со блиски луѓе во Украина, и состојбата е навистина критична, а на луѓето им снемувало производи.

-Повик до населението, сите граѓани кои можат да донираат за украинскиот народ, кој се наоѓа во немила ситуација. Оној кој е најмалку виновен, а тоа е народот, секогаш го извлекува најдебелиот крај и најмногу страда. Што побргу заврши оваа војна, народот да се врати во огништата и семејствата да го продолжат животот по нормален тек – изјави градоначалникот Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости