Кавадаречки ученици собраа пари за лабораториски апарат за анализи на крв на бебиња и деца

by fokus

Младите ЦКА-ПХВ волонтери при ООУ ,,Страшо Пинџур” од Кавадарци заедно со волонтерите од ООУ ,,Тошо Велков Пепето” работеа на мини проект за Подршка и помош на дневни центри и институции.

Учениците од двете основни училишта ја посетиле ЈЗУ Општа болница Кавадарци и утврдиле потреба на лабораторијата за анализа на крвта за купување на редок апарат, па решиле да изработат проект за собирање на дел од финансиски средства потребни за набавка на апаратот.

Станува збор за апарат со кој анализите на крвта кај малите деца и бебињата ќе се вршат со земање на крв само од прст, а не од вена, и резултатите ќе бидат готови за многу кратко време. Вакви апарати имало само во неколку градови во државата.

Проектот на ООУ “Страшо Пинџур” од Кавадарци е насловен ,,Капка крв” и за реализирање на истиот младите имале повеќе работилници и активности.

Изработиле Првоаприлски маски и за истите имале Првоаприлски пазар, а изработиле и велигденски украси и за истите имале Велигденски пазар.

Во соработка со наставниците од од прво до 5-то одделение организирале полигони ,,Игри без граници”, а со помош на наставниците по физичко образование организирале турнир во мал фудбал каде учествувале повеќе тимови, а на најдобрите стрелци им биле поклонети ЦКА-ПХВ маички.

Исто така, волонтерите испратиле писма за донација и добиле донација од една приватна компанија од Кавадарци.

-Собраните парични средства беа авансно уплатени за купување на апарат за потребите на лабораторијата во ЈЗУ Општа болница Кавадарци, кој изнесува околу 100.000 денари и треба овие денови да се порача од странство.
Овогодишен дисеминатор на ЦКА-ПХВ програмата за Црвен крст Кавадарци е Даниела Лазовска, која работеше со учениците од сите училишта – за ,,Фокус” велат од Црвен Крст Кавадарци.

Им честитаа за идејата на младите волонтери, да се предизвика насмевка кај малите деца при посета на лабораторијата во болницата и изразија благодарност до вработените во училиштето и сите кои ги поддржале волонтерите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости