Кавадарчани ќе донираат брис, во потрага по компатибилен дарител на коскена срцевина за лекување на малиот Марко

by fokus

Кавадарчани уште еднаш ќе ја покажат својата хуманост на дело, со донирање на брис, што организирано ќе се случува на 28-ми јуни (вторник), на две локации во градот.
Станува збор за хумана акција, односно за потрага по компатибилен донатор на коскена срцевина за едно-годишниот Марко Колев, кој боледува од имунолошка болест.

Како што информираат неговите родители во јавниот апел, во нивното семејство немало компатибилен донор, поради што за да се справи со болеста која му го загрозува животот, на Марко му е потребна добрината од непознати луѓе.

-Патот по кој одиме е тежок и полн со секојдневни предизвици. Марко а многу мал и неговиот имун систем ги напаѓа неговите црева, што го ограничува во развојот. Понекогаш има и други симптоми и инфекции. Но, се бориме, размислуваме за сите можности и се надеваме дека ќе најдеме решение за Марко.

Ве повикуваме сите кои сте во можност да се зачлените во НФС – Дарителски регистар за срцевина.”
Со пребарувањето во Меѓународниот регистар за дарители на срцевина не е најден компатибилен дарител, и надежта е дека оваа и слични акции ќе го зголемат бројот на учесници во регистрите во нашата земја и ќе ги зголемат шансите за да се идентификува компатибилен дарител за Марко, но и за други граѓани од нашата земја кои имаат ваква потреба.

Одредувањето на компатибилност се изведува со земање на брис од образ. Тоа можете да го направите сами или да Ви помогне некој од вработените во НФС – Дарителски регистар за срцевина.
Марко, родителите и целото семејство на Марко како и сите ние од НФС – Дарителски регистар за срцевина ви благодариме за спремноста да станете дел од светското семејство на потенцијални доброволни дарители за матични клетки- информира семејството.

По повод апелот, градоначалникот Митко Јанчев ги повика граѓаните уште еднаш да покажат дека Кавадарци е хуман град.

Извести дека земањето на брис ќе се одвива на две локации, во вторник, и тоа на Градски Плоштад пред општината во Кавадарци, од 14:00 до 16:00 часот, и во Стрит Бар Кавадарци на улица ,,Илинденска” од 16:00 до 18:00 часот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости