Кавадарчани без вода со денови: Или да се бањаме кај градоначалникот, или кај директорот на Комуналец?

by fokus
Жителите на Кавадарци и Росоман од понеделникот попладне се оставени без вода за пиење поради дефект на водоводната мрежа. Додека од јавното претпријатие „Комуналец“ и од Општина Кавадарци смируваат дека се работи на решавање на проблемот и ветуваат дека ќе биде среден во најбрз можен рок, кавадарчани бурно реагираат на социјалните мрежи и се жалат на неподнослива смрдеа која почнала да се шири од цевките. Некои од нив јавно ги прашуваат градоначалникот на Кавадарци Александар Панов и директорот на ЈП Комуналец Кавадарци, кој од нив двајцата е одговорен, и кај кого да отидат да се искапат.

Според соопштението, постирано од ,,Комуналец“, на нивниот официјален Фејсбук профил, граѓаните ќе немаат вода поради дефект се до први ноември, до 17 часот, но и покрај тоа, вода сеуште нема.

Со цел да им се помогне на граѓаните за задоволување на основните потреби во домаќинството, Општина Кавадарци и јавното претпријатие „Комуналец“ обезбедиле четири цистерни со технолошка вода.

Цистерните ги поставиле на улиците „Игман“ пред зградите, „Ѓуро Салај“, на „8ми Септември“ кај ресторан „Москва“, и на паркингот кај градската капела. Ова е технолошка вода, и истата не е погодна за пиење.
 
В.К.
 

Поврзани новости