Кавадарчани бараат ТВ дуел помеѓу Китев и Јанчев: Кој бега од дуели, крие нешто од граѓаните!

by Fokus
Откако ВМРО ДПМНЕ пред неколку дена соопшти дека за кандидат за градоначалник на Кавадарци ќе се бори бизнисменот и сопственик на Кожувчанка, Митко Јанчев, кавадарчани започнаа неколку иницијативи на социјалните мрежи, во кои отворено го повикуваат да излезе на ТВ дуел со својот противкандидат, Бетиан Китев од СДСМ. Китев, кој долги години е во политиката, важи за искусен и спремен оратор.

Тој е магистар на политички науки, докторант на Факултетот за општествени науки во Љубљана, Словенија. Токму поради тоа, кавадарчани според коментарите на социјалните мрежи, се сомневаат дека Јанчев би прифатил соочување со него пред очите на јавноста.

,,Фокус’’ разговараше со двајцата кандидати за градоначалници на темава.

,, Секаде во демократските системи кандидати за различни функции своите концепти ги презентираат на неколку ТВ соочувања. Старо правило е оној кој не доаѓа, или не е подготвен, или крие нешто од граѓаните, и е осуден на пораз. После многу години, би било добро за јакнењето на демократскиот капацитет на општеството во кое живееме, да се случи едно или неколку соочувања на кандидати за градоначалници. Нека одберат на која ТВ сакаат, таму нека има ТВ соочување’’ – ни изјави Китев, кандидатот на СДСМ.

И кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев, вели дека нема проблем да излезе на ТВ дуел со својот противкандидат.

,,Доколу се води една позитивна кампања, немам проблем. Можат да ме контактираат и да се договориме. Би одбил, единствено доколку станува збор за нечесна и црна кампања. Засега, не гледам причини зошто не би се соочиле’’ – вели Јанчев. По овие изјави, очигледно ,,ракавицата е фрлена’’. Останува политичките противници да договорат термин и да изберат медиум на кој граѓаните ќе можат да го проследат нивното соочување.

Вики Клинчарова

Поврзани новости