732
Голем број кавадарчани кои живеат во близина на џамијата, реагирале до градоначалникот Александар Панов поради силниот разглас со кој се повикуваат верниците на молитва. Тие дури и потпишале петиција со која барале оџата да не ги повикува верниците и да не пее преку разгласот, бидејќи децата им се плашеле од неговата гласна песна.
,,Не велиме дека не треба да пее оџата, ги почитуваме сите вери, туку да се намали јачината на разгласот, или пак воопшто тој да не се користи, бидејќи во Кавадарци има мал број муслимани, и нема потреба од разглас“, реагираат дел од граѓаните кои живеат во близина на џамијата.
Инаку, оџата им се обраќа на верниците само во петок, во пладневните часови, а молитвата е со траење од три минути. За користењето на разгласот, тие имале дозвола, а била извршена и контрола од надлежни институции. Од Исламската верска заедница бараат разбирање од кавадарчани, и велат дека во едно мултиетничко општество, не треба да сметаат различностите.
Градоначалникот Панов изјви дека уште пред неколку месеци кај него пристигнале првите реакции од граѓани кои што живеат во непосредна близина на џамијата. Порано овој проблем не бил присутен, но по реновирањето на џамијата и поставувањето на разгласот, дел од кавадарчани почнале да негодуваат.
,,Разговаравме со претставници од Исламската верска заедница и со оџата неодамна, и наскоро повторно ќе одржиме состанок, бидејќи реакциите сеуште пристигаат. Во разговорот, ние заеднички заклучивме дека нема потреба од толку гласно повикување, и се договоримве разгласот да се користи само во петок, во одреден дел од денот. И граѓаните се согласија дека тоа е во ред. Но овој месец, муслиманите имаат празник, па граѓаните повторно реагираат. Планирам да се состанам со џамискиот одбор и со оџата, и да ја разгледаме можноста да се намали тонот на разгласот, за не им се прави штета на верниците, но и на останатото население кое што живее околу џамијата“, вели Панов.
Покрај граѓаните на кои што им смета гласното пеење, има и такви кои што велат дека воопшто немаат проблем со верските обреди на останатите заедници и дека во едно културно и современо општество треба да се има почит за сите.
,,Кога може комшијата на пример, да сече дрва во недела на ручек, да се прави силна бука, да се пече ракија во дворовите и да се зачадува цело маало, да се пука на свадби, не гледаме зошто да не може и оџата да пее преку разглас. Тоа не трае со часови, и сметаме дека реакциите на одредени граѓани се претерани. Како би им било на тие што се бунат да живеат во некоја друга земја, каде што има луѓе од сите вери, секој со своите обичаи? Секој ден ли ќе се расправаат? Ако сакаат мир и тишина, тоа го има во руралните средини, а не во еден град со околу 40.000 жители“, велат дел од граѓаните.
Според статистиката, во Кавадарци живеат 96,8 проценти Македонци, 1,8 проценти Роми, 0,6 проценти Срби, 0,4 проценти Турци, односно помалку од 200 муслимани.
Вики Клинчарова