Кацарска: Никој мене не ми вршел притисок, можеби поради мојот карактер

by fokus

Судијката, Добрила Кацарска, која е судечки судија во предметот за 27 април, по синоќешниот распит на осомничените Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, рече дека во оваа фаза од судењето постапката не може да се прошири за новите осомничени, туку ќе биде започната нова постапка.

По однос на судењето за веќе обвинетите, кое е веќе при крај, Кацарска рече дека денеска завршни зборови треба да дадат уште четворица обвинети. По една недела се очекува таа да ја објави пресудата, бидејќи, рече Кацарска, станува збор за обемен предмет.

На новинарско прашање дали имала притисоци за овој предмет, Кацарска изјави дека тоа никогаш не се случило, ниту за овој ниту за било кој друг предмет кој и бил доделен.

-Не само за овој предмет, за ниеден предмет никој и никогаш не ми врши мене притисок, можеби затоа што го знаат мојот карактер и начинот на работа. Никој ниту од оваа политичка гарнитура, ниту од претходната, некогаш ми вршел притисок. Верувајте никој не се ни обидел да дојде до мене, тоа го тврдам пред целата македонска јавност – рече Кацарска.

Поврзани новости