Катица Јанева денеска била во ДЗР, ревизорите ги „чешлаат“ надоместоците на СЈО

by fokus

Поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, утринава била на состанок во Државниот завод за ревизија, дознава „Фокус“. Таа се наоѓа во куќе притвор, како обвинета во „Рекет“, но одговорила на поканата на ревизорите.

Тема на разговор, според нашите информации, биле надоместоците кои ги земале јавните обвинители вработени во СЈО и сите нивни соработници, бидејќи кон крајот на јануари, Државниот завод за ревизија, најави дека ќе прават ревизија на надоместоците.

Побаравме и официјален одговор од ДЗР, од каде што добивме потврда дека Јанева била во просториите на ДЗР.

-Катица Јанева денеска во Државниот завод за ревизија беше повикана во својство на одговорно лице на СЈО, во врска со извршената ревизија на усогласеност, согласно Годишната програма на Државниот завод за ревизија за 2020 година, а за потребите на оддржување на завршен состанок, велат од ДЗР за „Фокус“.

Од ДЗР неодамна најавија дека оваа резвизија ја работата од 1 февруари.

– Направивме неколку координативни состаноци со претставници на Јавното обвинителство за преземање на целокупната документација. Се работи за документација што има одредена ознака на „класифицирани информации“ и мора да се создадат услови за нивно соодветно чување во нашите простории. Утврден е ревизорскиот тим и ставен е во годишната програма за работа и по завршување на ревизијата ќе бидете соодветно известени, изјави неодамна директорот на ДЗР, Максим Ацевски.

Прашан што ќе биде предмет на ревидирање, Ацевски, рече дека ќе се проверуваат само надоместоците.

– Јавното обвинителство настапи со конкретно барање. Во суштина бараше да се изврши ревизија на сите надоместоци кои се исплатени на вработените во СЈО и на нивните соработници. Почитувајќи го нивното барање ние постапивме и затоа тоа ќе биде дел на ревизија, појасни Ацевски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости