Катастрофални поплави во Кина – најмалку 12 загинати

by fokus 08:48
08:48

Дванаесет лица загинаа во обилните дождови во главниот град на централната кинеска провинција Хенан, а околу 100.000 жители на покраината мораа да бидат евакуирани во безбедни области, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.

Метеоролошките служби на провинцијата Хенан и градот Женгжу ја подигнаа подготвеноста на службите за катастрофи на ниво 1, а прогнозите предвидуваат дека денеска до доцна навечер во покраината ќе паѓаат обилни дождови.

- Advertisements -

Во невообичаено активната дождовна сезона, провинцијата Хенан беше погодена од невреме кое трае од викендот, реките се излеаја од своите корита и ги преплавија улиците во десетици градови.

Во Женгжу, главниот град на Хенан, на бреговите на Жолта река, во вторникот паднаа повеќе од 200 мм дожд за еден час, принудувајќи го градот да го прекине целиот сообраќај во метрото.

Метеоролошките служби во Женгжу соопштија дека се работи за најобилни врнежи од дожд за еден ден од почетокот на мерењата пред 60 години. Кинеската војска во вторникот предупреди на непосредна опасност од пукање на браната Јихетан во Луоанг, град со околу седум милиони жители во провинцијата Хенан.

Кинескиот претседател Си Џинпинг ги опиша поплавите како „исклучително тешки“. -Поплавите однесоа животи и предизвикаа материјална штета. Ситуацијата со контролата на поплавите е исклучително тешка, рече кинескиот претседател, додавајќи дека настаните достигнале “критична фаза”.

Поврзани новости