Картичките за јавен превоз од денеска ќе можете да ги надополните само во билетарите на ЈСП

by fokus

Од Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје информираат дека во следните неколку денови корисниците нема да можат да купуваат или надополнуваат електронски картички во продажните места кои не се во сопственост на ЈСП, туку услугите ќе можат да ги добијат само во билетарниците.

Како што велат од ЈСП, причината е во тоа што завршил договорот меѓу претпријатието и фирмата-мастер дилер на нивните услуги. Електронската картичка „Скопска“ неколку дена ќе може да се купува или надополнува исклучиво во продажната мрежа на ЈСП Скопје која ја сочинуваат 32 билетарници.

„ЈСП Скопје навремено се подготви за решавање на оваа ситуација, потребната опрема и логистика се обезбедени и многу наскоро граѓаните ќе имаат можност повторно да ги купуваат нашите услуги преку мрежа на секундарна дистрибуција. Ви се извинуваме за евентуалните нелагодности поради оваа ситуација, но пред целосна вредносна искористеност на договорот кој го имаме склучено со фирмата-мастер дилер, не бевме во можност за активирање на подготвено решение, со кое многу наскоро продажба на нашите услуги ќе биде повторно возможна преку мрежа на секундарна дистрибуција“, велат од таму.

Поврзани новости