Карпошани сами се борат против загадувањето

by fokus

Повеќе граѓани на Карпош, организирани преку социјалните мрежи и во групата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“, сами се организираат против загадувањето и чадот во општината.

Тие велат дека општината, на чело со градоначалникот Стевчо Јакимовски ги игнорира нивните повици да се најдат загадувачите кои речиси секоја вечер на различни локации палат отпад и други материјали и со тоа ја загадуваат општината.

„Вечерва една група граѓани се организира и го проверивме делот према Визбегово и Момин Поток. Во рок од 30 мин, наидовме на оган на отворено каде што се ширеше неподнослива миризба, налик на онаа пред 2 дена. Мирисот од пожарот на чад се осеќа низ цел Карпош, но во овој дел смрдеата беше сосема поинаква. Точната локација е во улицата наспроти куќата на Црвен Крст – слика во прилог.

Заради безбедносни причини не се приближивме доволно да сликаме подобро. Во тој дел има објекти кои се заградени со високи огради и не може да се види што има и што се случува позади нив. Не дозволиво е општина со толку жители и со толкаво загадување кое се повторува секоја вечер да не излезе на терен. Не дозволиво е да се трошат пари на секакви глупости а да не се најде начин да се лоцираат нелегалните загадувачите на нејзина териоторија кои се повеќе.

Сигурни сме доколку се има желба во рок од неколку часа можно е со 2 дрона кои би фотографирале да се помине целата територија, да се откријат и санкционираат овие загадувачи. Доколку и понатаму општинските власти го игнорираат овој проблем ќе сметаме дека свесно го одобруваат труењето на своите жители“, велат граѓаните од Карпош.

Поврзани новости