Каратистите од Карате клубот Макпетрол меѓу најуспешните

by Fokus 13:53
13:53

Во организација на градот Скопје и Сојузот на спортски федерации на Р. Македонија се одржа изборот на најдобри спортисти на градот Скопје за 2017 година. Каратистите на Макпетрол на овогодишната промоција на најдобрите успеаја да се закитат дополнително со нови три признанија.

Најдобар меѓу младите спортисти генерално во сите спортови повторно е младиот каратист на Макпетрол Петар Заборски.  Со освоениот бронзен медал на европското првенство во Софија во категорија на помлади сениори (У21), потоа освоениот златен медал на светскиот куп во Умаг, како и освоениот златен медал на европската универзијада во Брага, Португалија во категорија борбa до 75 кг, заслужено го освои првото место во делот на признанијата кај младите спортисти.

Јуниорката Моника Пендаровска е исто така меѓу најдобрите тројца спортисти со двата освоени златни медали на Балканското првенство во Херцег Нови за постари јуниорки во поединечна и екипна конкуренција во дисциплината борби. Сениорката Сара Радичевска е на четвртата позиција кај највозрасната категорија – таа беше петто пласирана на европското карате првенство за сениори во Турција и стана и европска универзитетска шампионка на универзијадата во Брага, Португалија. Со добивањето на овие признанија, каратистите на Макпетрол и оваа година покажаа дека се најтрофеен клуб во градот Скопје.

Задоволни сме од изборот на најдобри спортисти кое се одржа денеска во собраниската сала на градот Скопје. Во три категории успеавме да имаме најдобри спортисти. Пред неколку дена се одржа изборот на најдобри спортисти во организација на Сојузот на спортови на градот Скопје, при што и оваа година сме сведоци дека критериумите се скоро изедначени, што посебно не радува. Ние како клуб до сега успеавме да добиеме пет признанија на овие два организирани избори за најдобри спортисти за градот Скопје – заврши Заборски, тренер на Карате клубот Макпетрол и селектор на Македонската универзитетска карате репрезентација.

Поврзани новости