Караџовски: Не е наша работа како протекле тајни фотографии од судењето за „Тврдина”

by fokus

Судскиот совет не го коментира незаконското протекување во јавноста на тајни фотографии, за кои се претпоставува дека се направени од судската камера за визуелно и тонско снимање на рочиштето за предметот „ Тврдина” што го покрена СЈО.

Претседателот на Судски совет, Жарко Караџоски вели дека не е нивна работа да истражуваат кој и како направил и дистрибуирал во јавноста фотографија од судскиот процес ,во кој првоосомничен е Горан Грујовски и уште шестмина вработени во УБК.

-До нас не е стигната никаква информација и тоа не е во делот на нашето работење. Доколку пристигне какво било известување согласно нашите надлежности би презеле соодветни дејствија, меѓутоа тоа е предмет на работа на други органи. Не е наша работа да истражуваме дали и како излегле тие снимки – изјави Караџоски.

Пријава за протекувањето на сликата не стигнала ниту до редовното обвинителство и тоа не може да постапува.

Сликата од подготвителното рочиште за предметот „Тврдина 2“ незаконски се појави на социјалните мрежи преку лажен Фејсбук профил. Институциите молчат и креваат раменици за тоа како овие снимки се најдоа во јавноста кога се само за судска употреба.

На фотографијата до адвокатот Никола Додевски седи првообвинетиот Горан Грујовски, а се гледаат и обвинителката Ленче Ристовска, како и новинари што го следат процесот, но кои имаа забрана да користат мобилни телефони.

Инаку, вработените во УБК, Специјалното јавно обвинителство ги гони за уништување на службена документација во случајот „Тврдина“, поврзана со нелегалното прислушување. Главната расправа треба да се одржи на 17 јануари наредната година.

Поврзани новости