Кандидатот за директор на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров, се откажа од партиската функција

by fokus

Спасе Глигоров демантира дека неговото поставување на функцијата директор на Агенцијата за администрација би било незаконско. Тој е предложен за оваа функција од страна на Владата на Република Македонија.

Глигоров соопшти дека денеска ќе поднесе оставка од функцијата член на Централниот одбор на СДСМ.

„Директорот на Агенцијата за администрација го именува Собранието на Република Македонија и истиот покрај другите, треба да го исполнува и условот да не е член на орган на политичка партија. Како човек кој 12 години професионално се занимава со постапки и процедури од областа на правото и управување со човечки ресурси, целосно сум запознат со постапката и условите кои во моментот на именувањето треба да ги исполнува директорот на Агенцијата за администрација“, соопшти Глигоров.

Тој вели дека иако до моментот на ова соопштение од страна на надлежниот орган сè уште не е повикан да обезбеди и достави докази за исполнување на условите за именување, ја информира јавноста дека денеска поднесува оставка на функцијата член на Централниот одбор на СДСМ, а со тоа автоматски му престанува и функцијата член на Извршниот одбор на СДСМ.

„Оставката, како формален акт, е доставена до претседателот и генералниот секретар на СДСМ“, вели тој.

Поврзани новости