Канада и САД соборија ново неидентификувано летало

by Фокус

Уште еден неидентификуван објект е соборен, потврди канадскиот премиер Џастин Трудо.

Тој рече дека најновиот објект „го нарушил канадскиот воздушен простор“ и бил соборен над Јукон во северозападна Канада.

Канадските и американските воени авиони биле во заедничка акција за да го пронајдат и срушат објектот.

Најновиот неодреден објект летал над централен Јукон на околу 12 000 метри и бил пресретнат околу 15:41 часот по локално време вчера, изјави за новинарите министерката за одбрана Анита Ананд.

Таа го опиша како „мал“ и „цилиндричен“, и кажа дека сè уште се вршат напори за да се откријат повеќе детали.

Белата куќа соопшти дека објектот бил следен и надгледуван „во последните 24 часа“.

Тоа е трет објект што е соборен над Северна Америка во последната недела.

Американската војска минатиот викенд уништи и кинески балон, а во петокот неодреден објект со големина на мал автомобил беше соборен кај Алјаска.

Поврзани новости