Kампањата за одговорно сопствеништво и намалување на бројот на бездомни кучиња

by Fokus

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ќе се одржи промоција на проектот„Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи“ со што и официјално ќе почне кампањата за одговорно сопствеништво и намалување на бројот на бездомни кучиња.

На промоцијата ќе се обратат министерот Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов и раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини.

Станува збор за ИПА проект чија цел е заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата во насока на подобрување на конкурентноста на македонските земјоделско – прехранбени производи на европскиот и светскиот пазар. Со проектот ќе се зајакнат и постоечките системи на надлежните институции.

Кампањата, пак, за одговорно сопствеништво треба да ја подигне јавната свест за благосостојбата на животните, со акцент на стерилизацијата и микрочипирањето на домашни миленици, како една од мерките за спречување на зголемувањето на бројот на кучиња скитници.

Носител на проектот е Агенцијата за храна и ветеринарство, а во реализацијата ќе бидат вклучени Министерството за земјоделство, Фитосанитарната управа, Управата за семе и саден материјал, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.

Поврзани новости