Камион Фап од 2.000 евра ја искрши фонтаната од 2,5 милиони евра

by Fokus

Камионот Фап од минатиот век, кој што може да се купи како половен (бидејќи веќе не се произведува) по цена од околу 2.000 евра ја искрши фонтаната со вредност од 2,5 милони евра.

Веста која што вчера беше топ тема во медиумите и денес не стивнува, посебно ако се земе во предвид сумата која што беше одвоена за изградбата на фонтана на плоштад ,,Македонија”, а во која што пропадна старото возило на Град Скопје, пред дочекот на ракометарите.

Како мало потсетување, фонтаната беше пуштена во употреба во јуни, пред две години. Проектот чинеше околу 150 милиони денари од кои една третина вложи Градот, а останатите Владата. Фонтаната ја изгради Трансмет на Сеад Кочан. Таа е со правоаголна форма и димензии 20 на 10 метри и има 128 прскалки. Нејзината површина е изработена од гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри со дебелина од 10 сантиметри.

На плочите од фонтаната се поставени ЛЕД светилки со отвори за вградување млазник. Фонтаната ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната се постигнува со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата.
Набргу по пропаѓањето во фонтаната, камионот беше отстранет, а дупките покриени со плочи, по што ќе следи санирање на штетата.

Уште во времето кога беше најавена изградбата на таканаречената сува фонтана, СДСМ обвини дека власта и градоначалникот на Скопје напразно трошат средства од фонтана до фонтана, наместо да ги искористат за енергетски ефикасни фасади и да ја потврдат определбата Скопје да биде енергетски ефикасен град.

Околу квалитетот на фонатана излишно е да се коментира. Фотографијата сведочи како со 2.000 евра за дел од секунда се уништуваат 2,5 милиони евра.

Инаку, товарниот камион Фап 13 се произведуваше во Прибој, соседна Србија од 1962 до 1994 година. Има носивост од 14 тона и беше доста популарен во поранешна Југославија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости