Камери ќе го чуваат новиот релјеф на 12-те ваташки младинци, кој во минатото беше краден дел по дел!

by fokus

Релјефот на споменикот на 12-те деца во кавадаречко Моклиште, кој беше украден дел по дел пред десеттина години, повторно е изработен, идентичен, каков што беше во минатото, и вратен на старото место. За да не се случи повторно вандализмот и кражбата којашто ја згрози кавадаречката јавност, ќе биде под постојан видео надзор.

Станува збор за бакарен споменик во чест на дванаесетте ваташки младинци кои пред 78 години ѕверски беа убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор.

Дрските крадци уште пред повеќе од десет години вандалски започнаа да го уништуваат спомен обележјето коешто со децении беше гордост на градот, и притоа успеале да однесат околу 50 килограми бакар.

Како што пишувавме во минатото, кражбата прв ја пријавил во полиција Петре Камчев, тогашниот директор на Музеј галеријата во Кавадарци, кога за време на викенд отишол во Моклиште и се запрепастил од глетката.

Во тој период градоначалник на Кавадарци беше Александар Панов, кој згрозен од вандалскиот чин и од сквернавењето на историското наследство, упати јавен апел до надлежните органи да го решат случајот и крадците да бидат изведени пред лицето на правдата. Сторителите започнале да носат парче по парче од рељефот, за да во 2015 година го украдат и последниот дел. Тие до ден денешен не се откриени.

Денес Моклиште повторно го доби релјефниот споменик, изработен од страна на кавадаречкиот вајар Кирил Мукаетов. Тој беше избран на јавен повик од страна на Музеј –Кавадарци.

-Релјефот е многу добро изработен, автентичен како и претходниот. Ќе остане да сведочи за оној траорен настан кој се случи на 16-ти јуни 1943 година – изјави Весна Ѓорѓиева, директорка на Музеј галерија Кавадарци, заблагодарувајќи се на градоначалникот Митко Јанчев и на Министерството за култура за финансиската конструкција на споменикот.

Градоначалникот Јанчев порача дека обврска на општината е да се грижи за историското минато.

-Не се потребни големи финансиски средства за тоа, туку волја, и сите сектори треба да си вршат својата дејност. Ветивме дека ова место ќе биде култно, го вративме комплетниот изглед на споменикот, имаме велосипедска патека која води до Моклиште, посетеноста е значително зголемена. Местото беше напуштено, сега е веќе она што треба да биде, со овој изглед – изјави тој.

Првичната спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, беше откриена на 11-ти октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. Ја изработи познатиот прилепски вајар Јордан Грабулоски –Грабул.

Кога се случи првата кражба, во 2007 година, при што беа украдени 160 букви од имињата на жртвите и дел од кружната скулптура, неговата сопруга Искра Грабул, која работеше на архитектонското уредување, изјави дека според неа, големата сиромаштија е она што ги натерало крадците да посегнат по споменикот.

-Сето тоа доаѓа од голема сиромаштија, од еден револт кај луѓето кои немаат што да јадат, па мислат зошто таму да стои некое железо кога можат да го украдат и да земат некој денар за да им преживеат децата. Јас нивната логика ја разбирам, меѓутоа, тоа не смее така да остане бидејќи зборува лошо за средината, за негрижата. Никој нема да рече -Види, апаши, туку ќе рече -Не се грижат луѓето – изјави таа по настанот.

Во тој период, во општината беа многу чести кражбите на секаков метал кој можеше да се најде на отворено. На мета беа металните колци во лозјата, а се крадеа дури и сообраќајни знаци.

За ,,Фокус” градоначалникот потврди дека камерите ќе бидат постојано вклучени, со цел да не се дозволи повторно уништување на релјефот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости