Камбовски бара од Вељановски да го прекине одморот и да свика итна седница за поплавите

by Fokus

Академик Владо Камбовски го повика спикерот на Собранието, Трајко Вељаноски итно да свика седница по катастрофалните поплави во Скопје и скопските населби и села со 22 жртви, објави СДК.МК.

Тој предлага на собраниската седница за поплавите да се донесе закон за забрана на сите нестопански инвестиции, освен оние кои се од важност за безбедноста на државата, и нивно пренасочување за потребите на илјадниците граѓани кои претрпеа стравотна материјална штета, изгубија најблиски, ги изгубија домовите.

-Еве шанса Собранието да смогне сили да стави крај на нерационалните трошења на Владата. Седница мора да има. Ова не е појава која се случила еднаш во илјада години. Ако се случила еднаш, ќе се случи пак. Каде е реакцијата на Собранието, 22 граѓани загинаа во катаклизмата со поплавите, а претседателот Вељаноски и пратениците не свикаа седница. Вељаноски итно, треба сам да свика вонредна собраниска седница на која ќе се побара извештај од Владата што прави со денови, зошто е збркана, како се справува со последиците од поплавите, зошто луѓето од поплавените подрачја се оставени сами на себе – изјави Камбовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Тој вели дека не знае каква е оваа збрканост на премиерот, министрите, на сите надлежни институции.

– Се чудат странскиве претседатели. Прва вест сме во странските медиуми. Ова не личи на организирана држава. Луѓето, настраданите, оставени се сами на себе – истакна Камбовски.

Поврзани новости