Калајџиев за последната верзија на Законот за ЈО: Брука!

by fokus

Законот за јавното обвинителство синоќа помина на Влада и оди во Собрание со европско знаменце. Власта ја обезбедила потребната двотретинска поддршка од пратениците за негово изгласување. Парламентарното мнозинство смета на гласовите на Независната пратничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијанса на Албанците, на Алтернатива и на БЕСА.

Се очекува законот по скратена постапка да биде усвоен во Собранието до 12 февруари за кога е најавено распуштање на актуелниот пратенички состав и распишување на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Професорот Гордан Калајџиев новото законско решение го опиша како „брука“.

-Последната верзија на Законот за јавното обвинителство што е сега во процедура не само што не ги отстрани контроверзите што ги зготвија партиите туку напротив ги дорасипаа! Брука!, вели Калајџиев.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тврди дека конечното решение на законот за јавното обвинителство ги опфаќа предлозите на партиските работни групи.

– Во нив е вграден нормативот на години стаж на јавниот обвинител во ЈО, соодветната употреба на јазици во државата, сите сугестии кои дојдоа од Алијанса на Албанците, од Алтернатива, од БЕСА, сето тоа што е разговарано е веќе потврдено и вградено во самиот закон. Благодарение на независната пратеничка група се вградени механизми кои верувам дека ги ставаат сите во посигурна состојба за да име едно вакво решение, а тоа е дека незаконските прислушувани материјали во периодот 2008 – 2015 година не може да бидат основа за обвинение. Целосно е регулирано во законското решение што со предметите до 30 јуни 2017 година, што со истрагите после тоа, изјави Заев.

За можноста ВМРО-ДПМНЕ со амандмани да го оневозможи донесувањето на законот, Заев вели дека не го очекува тоа, но во случај на обиди за блокада може да се одложи распуштањето на Собранието.

Мицкоски, пак, вчера од Кавадарци порача дека очекува во среда да биде распуштено Собранието, како што е договорено кај претседателот на државата Стево Пендаровски. Очекува сите политичари да си стојат на договореното.

Во врска со законот за ЈО, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ден претходно кажа дека СДСМ ако собере мнозинство може да го донесе во Собранието, но нагласи дека нема намера да преговара за пролонгирање на датумот за распуштање на Парламентот.

Поддршка за законот ќе даде независна пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи, како што велат, во него се вградени нивните ставови. Апелираа до ВМРО ДПМНЕ да поднесе конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и ќе се даде импулс за евроатланските процеси.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ако добие усогласено решение, законот за ЈО ќе биде ставен на седница пред распуштањето на Парламентот в среда.

 

Поврзани новости