Каков крај!

by fokus

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Во очајнички обид да се спаси што се спасити може, премиерот ја одигра најхазардната карта – избори! Дуплирајки го влогот, надевајќи се дека ќе се нивелира, коцкарот е несвесен дека ќе изгуби сѐ, до последен денар!!!

„Но коцкарите знаат дека човек може да седи цело деноноќие на карти, без воопшто да погледне лево или десно“ -Фјодор Достоевски, „Коцкар“.

Таман ќе се решам да одморам од пишување колумни во „Фокус“, барем на некоја недела, но напразно, нашиве политичари не можат да поминат ни половина месец без пиздарија вредна за анализа. Овој пат пиздаријата е најмачната можна – избори. И тоа од оние најлошите – предвремени.

Изборите за нас плебсот се секогаш лоша варијанта, бидејки да зависеше нешто од изборите, одамна ќе ги забранеа. Овие избори доаѓаат по катастрофата што ѝ се случи на оваа влада на надворешно-политички план, на кое поле владата вложи ама баш сѐ. Откако народски речено „попушивме“ кај Французите, како лош покераш Зоран Заев фрла сѐ на една карта – избори. Избори што ќе ја одлучат неговата политичка кариера. За неговата слобода ич да не се секирате, Заев е под опасност од политички реваншизам, исто колку и вмровците гонети за криминал во неговиот мандат. Преведено на нашки – ич!

Како лош покераш кој ги коцка последните чипови, додека жената и децата му трпат за леб, Заев решава да се дозадолжи кај лихварите и да оди на сѐ или ништо, црвено или црно. Преплашен и препотен, претка дури може и се заканува дека по него потоп – ни жена маж ќе види, ни деца ќе се офајдат. Само уште оваа рака, само да го поддржиме уште ова вртење и ене го подоброто утре е зад аголот.

Заев заборава дека како и на секој коцкар, кредитот му се потроши. Пријателите не му позајмуваат, лихварот смета дека доволно дал, а семејството полека, но сигурно го напушта, еден по еден. Побудален од долгови, закани од лихварот и стресови, премиерот ветува дека оваа рака е таа што ја чекал. Дека намерно не ги изиграл, ниту реформите во судството, ниту во полицијата, не ја играл раката една изборна единица, ниту отворени листи, а не му фаќале око ниту парите кај граѓаните. За бројчаникот на Триумфална не сакал ниту да чуе. Само картата ЕУ по секоја цена му се видела арна, па така премиерот ја товарел во коцкарница. Ама како што во коцкарница често бидува, во последен момент топчето од рулетот потскокна и, наместо во полето ЕУ, падна на полето мало сутра.

И како што вели старата добра коцкарска, мајката не го карала синот дека се коцкал, туку дека пробал да се вади. Во очајнички обид да се спаси што се спасити може, премиерот ја одигра најхазардната карта – избори! Дуплирајки го влогот, надевајќи се дека ќе се нивелира, коцкарот е несвесен дека ќе изгуби сѐ, до последен денар!!!

Потребата за нови, предвремени парламентарни избори, особено кога во периодот октомври-декември 2020 година се редовни избори, е непостоечка. Единствената причина за избори во април 2020, наместо редовни шест месеци подоцна, е проценката на владејачката партија дека им се потребни брзи избори, час поскоро, додека бродот сѐ уште плови. Ќе биде тоа мачна кампања за гледање, ќе ги гледаме ДПМНЕ како говорат за криминал (хахахахаха), а СДСМ како говорат за криминалот на ДПМНЕ без истиот да го процесуираат, иако сета власт е во нивни раце.

Секако, системските проблеми, како неспроведен попис, немање прочистен избирачки список, мртви на избирачки список, сега не им сметаат на властодршците, иако во 2016 година на двапати беа одлагани изборите токму од идентичните причини. Ама тогаш азното не беше при нив, па ги болеше. Сега кога чекмеџето е во правите раце, ниту попис бараат (пролонгиран вторпат), ниту список чистат, нити мртви закопуваат.

Претстојните избори ќе бидат веројатно најстерилните во историјата на Македонија. Моменталната политичка понуда е мувла и процентот на излезени на гласање прашање е дали ќе надмине половина од запишаните, сосе мртвите, секако. Но, овие избори веќе  е веројатно дека ќе го означат крајот на високата политичка кариера на Зоран Заев, која да бидеме објективни, дискутабилно е дали би ја достигнал без силниот ветер во грб кој доаѓа/ше од меѓународната заедница. Сега, во услови кога Заев искоцка сѐ што можеше да се искоцка, од име, идентитет, меѓународни ознаки до достоинство,  се разбира, дека не е повеќе потребен.

И целокупната власт веќе запаѓа во вмровската матрица на заокружување на протестанти и нивно лабелирање и етикетирање, строго како политички опоненти. Партизацијата и клиентелизмот си ги наследија, криминалците од претходната власт ги пуштија или трампаа за пратенички гласови, а бројчаникот на Триумфална го загубија попат. На функционерите од власта сигурно им одѕвонува нема правда, нема мир дури ги уживаат последните месеци власт. Каков крај!

Поврзани новости