Како ВМРО-ДПМНЕ и Груевски сечеа ленти за Ванчо Михајлов

by fokus

Изминативе денови главна тема  во јавноста е отворањето на Клубот Ванчо Михајлов во Битола. На чинот на отворањето присуствуваше голема бугарска делегација, предводена од бугарскиот премиер Кирил Петков.

За голем дел од јавноста, вклучително и за историчарите поддршката на клуб кој го носи името на соработник на фашизмот, но и на лик кој се залагал Македонија да биде „втора бугарска држава на Балканот“ е недозволиво и еден вид на провокација.

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, од каде првата реакција беше барање на реципроцитет, односно отворање на клубови за Македонците во Бугарија. Прв кој директно го искоментира ликот и делото на Ванчо Михајлов беше генералниот секретар на партијата, Ѓоргија Сајкоски кој при посета на Ресен, Михајлов го нараче докажан поддржувач на фашизмот и негатор на на македонската нација.

Од отворањето на Музејот во Штип

Но, токму ВМРО-ДПМНЕ на чело со претходниот лидер, Никола Груевски го славеше истиот тој Ванчо Михајлов и сечеше црвени ленти на отворање музеи со негови восочни фигури. На крајот на 2014 година, тогашниот премиер Груевски и тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска пресекоа црвена лента на Музејот на дејците на ВМРО од Штип и Штипско во штипско Ново Село. Во овој музеј има и восочна фигура на Ванчо Михајлов.

Тогаш Груевски изјави дека Ново Село е легенда за историјата на Македонија и како ретко кое место во земјава има родено дејци и револуционери кои придонеле за развојот на историјата.

Канческа Милевска пак рече дека Ново Село добива музеј кој ќе биде спомен дом на „македонските револуционери кои се родени во ова место и кои целиот животен век го посветија на Македонија“.

Восочната фигура на Михајлов во Музејот на ВМРО

Восочна фигура на Ванчо Михајлов има и во Музејот на македонската борба попознат како Музеј на ВМРО, кој исто така го отвори владата на Груевски. Во објаснувањето на поставката на веб страницата на Музејот е јасно наведено дека Михајлов се залагал Македонија да биде „втората бугарска држава на Балканот“ и нацијата на новоформираната држава, која се состои од „македонски Бугари“, може да се дефинира и како „бугаро-македонска“, бидејќи е бугарска во етнокултурен и јазичен однос и македонска – во регионален.

„Фокус“ побара став од сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за ликот и делото на Ванчо Михајлов, но директен одговор не добивме.

Овој чин нема никаква врска со европските вредности кои овие политичари треба да ги промовираат, напротив, нѐ враќаат во едни минати времиња, во времињата на бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна овде во Македонија, на жртвите кои македонскиот слободарски народ ги има дадено за да создаде своја демократска држава и да можеме ние денеска да го живееме ова што го живееме и да се ослободи од еден таков фашистички окупатор каков што бил бугарскиот за време на Втората светска војна, гласеше одговорот од партијата.

Во јавноста се зборува и дека во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, односно во позната „Бела палата“ има портрет на Ванчо Михајлов како еден од водачите на ВМРО, но на нашето прашање од партијата тоа го негираа.

К.С.Б.

 

 

Поврзани новости