Како размислуваше Вања Лазарова: Не е до парите, туку до честа!

by fokus

Примадоната на македонската изворна музика, Вања Лазарова која што вчера почина на осумдесетишест годишна возраст во Скопје, ќе остане запаметена не само по уникатниот глас и испеаните песни и концерти, туку и по човечноста и скромноста.

Кога во мај 2014 година, во јавноста одекна веста дека иконата на македонската музика веќе година и половина живее во домот за згрижување на стари и изнемоштени лица „Милица“ во Кисела Вода, Скопје, следеа реакциите на народот дека таа не го ужива статусот кој што заслужува. Набргу потоа беше покрената онлајн петиција во која што јавноста бараше Лазарова да добие национална пезнија од Министерството за култура.

И додека луѓето во неверување коментираа како може еден уметник од калибарот на Вања да биде заборавен од институциите, и да ги минува своите последни години заборавена од државата, голем број на нејзини почитувачи и новинари ја посетија во домот.

„Не ми се важни парите, туку честа“ – беа зборовите на Лазарова, кога и беше соопштено дека е покрената акција, за таа да добие решение за национална пензија.

Набргу потоа беа објавени три нејзини албуми, и таа ја доби државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, по што со автоматизам доби и национална пензија.

Во ноември истата година, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и го додели решението на Лазарова и таа започна да добива месечен надоместок во висина на разликата помеѓу пензијата која ја остварува и највисоката пензија во земјава.

Во август наредната година, премиерно беше прикажан документарниот филм „Со маки сум се родила“  посветен на животот и делото на познатата певица која што испеа стотици македонски изворни песни. На премиерата изјави дека секогаш пеела од срце, а во тешките периоди од животот најчесто пеела тажни песни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости