Како поразот да стане Корона победа

by Фокус

Пишува: Владимир ЛАЗАРЕВИЌ

Во минатите два текста се осврнав на два клучни проблема: не нормалноста на глобалниот одговор против Корона вирусот, и катастрофалните последици кои произлегуваат од постоечката глобална анти корона стратегија. Во овој текст ќе се осврнам на новата exit стратегија која започнаа да ја применуваат повеќе држави во Европа, како на пример Германија, Чешка, Полска, Шпанија, Италија, Данска, кои од нигде никаде објавија победа над вирусот и започнаа со постепено рехабилитирање на економијата.

Оваа стратегија ја нарекувам „face saving„ или зачувување на лице во услови кога не постојат јасни докази прво дека карантинот го има постигнато очекуваниот ефект, и второ, дека не постојат јасни докази дека вирусот нема да се врати. Впрочем ситуацијата е целосно спротивна.

Новите податоци од Сингапур, како и од Јужна Кореа, покажуваат прво дека вирусот се враќа и во оние средини каде веќе иницијално поминал, како на пример, во Сингапур, каде бројот на ново регистрирани случаи е драматично зголемен. И второ, дека дури и ако сте прележале Ковид 19 тоа нема да значи дека имате створено имунитет. На тој начин, како што беше и очекувано, прогласена и најавена е предвремена победа без никакви конкретни резултати.

Се чини дека основната причина за тоа е дека државите задоцнето, но сигурно, сфатија дека глобалниот одговор и повик на социјално дистанцирање и карантин, иницијално промовиран од Светската Здравствена Организација, после дополнително засилен од изјавите на Др Фаучи во САД(привремено и принудно дистанциран од тв екраните деновиве) секојдневно резултира со далеку покатастрофални последици врз здравјето на граѓаните. Изјавите вклучуваа ненормално високи проекции за заболеност како и за смртност од вирусот во САД, до 240.000 луѓе.

До денес, во САД има регистрирано околу 40.000 луѓе, за кои се верува дека се починати поврзани со проблеми од Ковид 19. Но, проблемите кои допрва ќе се анализираат е дали всушност целата смртност се должи на Ковид 19? Каде е вообичаената и очекувана смртност од сезонски грип? Дали ова сега значи дека денес во САД повеќе не умираат луѓе од сезонски грип? Или пак Ковид 19 ја превзема и таа смртност?

За да се излезе од оваа небулозна корона ситуација, европските држави сфатија дека е неопходно да се прогласи победа, дури и во услови на пораз. Така, сега одеднаш Германија објави дека ситуацијата со короната е под контрола. Сега може да функционираат продавниците, ќе може да проработи Волксваген и да се врати животот во нормала. Како тоа се случува одеднаш?

Ако ги погледнеме податоците за Германија, каде има околу 150.000 дијагностицирани случаи, и под 5.000 смртни случаи ќе дојдеме до сознание дека смртноста во Германија, е далеку пониска од таа во САД, или пак таа во Италија. Сега прашањето е дали всушност сите држави и сите здравствени системи идентично ја дефинираат причината за смртност, или пак постои веројатност дека некои држави по дифолт ја препишуваат смртноста дека се должи на Ковид 19 дури и кога истата е резултат на други примарни причини?

Овие прашања ќе треба дополнително да се одговараат во наредните месеци и години. Она што е факт во овој момент, е дека започнува да се развива голема приказна за улогата на СЗО во глобалниот одговор против Ковид 19. Прво, Претседателот Трамп јавно ја покрена таа дилема, за да деновиве Австралија се придружи на глобалниот повик за спроведување на независна истрага околу глобалниот одговор на коронавирус пандемијата.

Какви ќе бидат импликациите за нас во Македонија. Клучното прашање сега откако повеќе европски држави ги отвараат економиите, ќе биде како тоа ќе се случи кај нас? Како и кога ќе се прогласи победа врз короната, дури и ако таа нема да биде искоренета во целост. Зошто е јасно дека нема како да се искорени во целост. Барем не во некое догледно време додека не се развие соодветна вакцина или друг лек.

Ние ќе мора да ја примениме идентичната „фејс сејвинг“ стратегија и наскоро после Велигденските празници да прогласиме победа и започнеме да го враќаме животот во нормала, додека тоа не стане предоцна. Економските последици кои Македонија ги трпи од економската криза ќе однесат далеку поголем број на жртви од тоа што денеска се препишува на коронавирусот. Тоа ќе биде посебен предмет на научно-истражувачка работа за идните генерации студенти.

Што се ќе се изроди од овие тотално нејасни сценарија ни останува да видиме. Но, со сигурност треба да делуваме бргу и ефикасно. Треба рапидно да ја пресликаме стратегијата од Германија, да го преименуваме поразот во победа, и да го помрднеме општеството да функционира. Да ги вратиме и спасиме и тој мал број луѓе кои работат во Македонија.

Христос Воскресе,  за многу години празниците.

Поврзани новости