Како од телефон да купите билет за во ЈСП?

by Fokus

Мобилната апликација „Скопска“, која претставува замена за неперсонализираната електронска картичка „Скопска“ и е виртуелна автобуска карта, од неодамна е целосно функционална, информираат од Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП Скопје“.

Апликацијата, посочуваат, е достапна за корисници на „смарт“ мобилни телефони со Android или IOS оперативен систем. Нуди низа поволности, меѓу кои основните за електронско купување и валидирање на билет, а располага и со алатки (возен ред, мапа на постојки, рута на планирање и друго) кои во голема мера го олеснуваат користењето на јавниот превоз.

-Во изминативе неколку месеци, апликацијата ги мина сите фази на тестирање и очекуваме дека нејзините корисници нема да се соочат со проблеми од техничка природа, а во спротивно можат да пријават проблем и слично на apskopska@jsp.com.mk. Ја создадовме аликацијата водејќи се со паролата „Биди во чекор со дигиталниот свет“, а како уште една дополнителна поволност за побрзо и поквалитетно користење на услугите на јавниот превоз во градот, велат од ЈСП.

Нагласуваат дека корисниците на јавниот превоз и натаму билет можат да купат/валидираат со електронска картичка „Скопска“, со опцијата Mobipay (мобилно плаќање), а може да се купи и хартиен билет во билетарниците на ЈСП Скопје.

 

Поврзани новости