КАКО ДА СЕ ПОСТИГНЕ РАМНОТЕЖА НА СИЛИТЕ ВО МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИОТ ОДНОС (2)

by Fokus

Тезите на српската, грчката и бугарската историографија дека Македонија е нивна земја, со преземените воени дејствија во Балканските војни се дискредитираат во целост. Ако Македонија е нивна земја, зошто тогаш ја делеле со единствена цел да освојат за своите држави нови земји, капитал, население и стоки

Пишува Марјан  ЃОРЧЕВ, поранешен амбасадор во Бугарија

БУГАРСКАТА ЕГЗАРХИЈА ПОД ШИЗМА

5. Дејноста на Бугарската егзархија во периодот 1870-1913 во отоманската провинција Македонија поделена во три санџаци – Скопје, Битола и Солун, одобрена со царско иреде на турскиот султан Абдул Азис, овозможува Бугарската егзархија како единствена легитимна „словенска“ црква да превземе низа активности вон дозволените православни црковни канони, со кои ја шири бугарската кауза во облaста Македонија и го подведува македонското население во црковните книги и во отворените егзархиски училишта како „Бугари по род“.

Според бугарската историографија, тој процес се објаснува како доброволно и природно осознавање на македонското население за своето бугарско потекло, согласно двотретинското референдумско изјаснување на македонското население, за тоа која црква ќе ја преферираат на македонската територија и за каков образовен процес се определуваат.

Македонската историографија од документите за активноста на македонски духовници, револуционери и преродбеници[1] докажува дека карактерот, методите и средствата што бугарската држава и егзархија ги трошат за својата активност кон македонското население содржат елементи на принуда и насилие.[2]

Таквиот метод на „изнудена согласност“ за верското определување на македонското население го применува и Грчката патријаршија, а малку подоцна на почетокот на 20 век, во верскиот и образовен асимилациски процес се вклучува и Српската црква. Поради филетистичките амбиции на Бугарската егзархија, Васељенскиот патријарх  ја става Бугарската егзархија под шизма[3] во 1872 година.

Шизмата е укината во 1953 година, кога Бугарската православна црква се откажува од сите епархии на подрачјето на географскиот македонски простор, освен на делот од пиринскиот крај, кој е составен дел на бугарската држава. Дејноста на Бугарската егзархија на македонската географска територија е клучната алка во македонско-бугарскиот црковен спор, со свое огромно влијание во историографијата на двете држави.

„ОСЛОБОДИТЕЛНИ БАЛКАНСКИ ВОЈНИ ЗА МАКЕДОНИЈА“

6. Балканските војни се една од основните причини, но и последица за актуелните македонско-бугарски односи, но тоа исто така се однесува и за македонско-српските и македонско-грчките односи. Одбивањето на сите три држави да го признаат вистинскиот карактер на т.н. „ослободителни балкански војни за Mакедонија“ e нерешлива загатка за подобрување на меѓусебните добрососедски односи.

Сосема е извесно дека Балканските војни се стремеж на младата бугарска, српска и грчка монархија за освојување на македонскиот простор, негова поделба и асимилирање на македонското население. Тезите на српската, грчката и бугарската историографија дека Македонија е нивна земја, со преземените воени дејствија се дискредитираат во целост. Ако Македонија е нивна земја, зошто тогаш ја делеле со единствена цел да освојат за своите држави нови земји, капитал, население и стоки.

Македонското население се подведува под тотална асимилација, се врши насилна мобилизација во српската и бугарската војска, а по постигнатиот Букурештански мировен договор – 10 август 1913, трите држави во анектираните делови што ги добиваат на 100-годишно управување, спроведуваат репресивна политика кон сите што покажуваат прото-македонска свест.

Со завршувањето на Првата светска војна и Версајскиот мировен договор, притисокот врз сите оние што искажуваат чувство на македонска посебност во Пиринскиот, Вардарскиот и Беломорскиот дел на Македонија, прераснува во голгота за целокупното население на тие простори.

ЦАРСКА БУГАРИЈА Е СОЈУЗНИК НА ТРЕТИОТ РАЈХ

7. Втората светска војна, исто така, е многу важна во контекст на расветлувањата на темните петна во македонско-бугарските односи. Инсистирањето на бугарската страна да се избрише од македонската историја дека тогашна Царска Бугарија е сојузник на Третиот Рајх и како таква окупира делови од областа Вардарска Македонија, само по себе претставува искривување на историските документи, потпишани токму од истите држави со кои што денес Р. Бугарија членува во ЕУ.

Во контекст на елиминирање на јазикот на омразата се разбира дека „вордингот“ може да биде стилизиран во склад со времето и модерната европска историографија. Меѓутоа, да се избрише фактот дека тогашна царска Бугарија е сојузник на Третиот Рајх и како таква спроведува одделни злодела кон човештвото, како што е транспортирањето на над 7.000 македонски Евреи во логорите на смртта, или превземените воени дејствија, убиства и тортури кон македонски револуционери и партизански единици кои што се бореле за независна македонска држава, е чин спротивен на сите етички начела.

Треба да се следат примерите на европското помирување. Германија ги призна злосторствата на Третиот рајх кон човештвото и се извини за тоа! Македонската држава е настаната во антифашистичка ослободителна борба на македонскиот народ!

Објективноста на одделни историски факти налага да се напомене дека со договор помеѓу југословенското, советското и бугарското политичко раководство по 9 септември 1944, бугарски просоветски единици учествуваат во борбата против светското фашистичко зло кон крајот на 1944 г. на просторот на поранешна Југославија, а заедно со македонските воени единици го ослободуваат североисточниот дел на Вардарска Македонија.

„ИСТОРИСКА ГРЕШКА“!

8. Прашањето за постоење бугарски граѓани кои на пописите од 1946 г., па до денес се декларираат дека се Македонци по род е реалност со која бугарската држава ќе мора да се соочи. Најпрво затоа што со актите на бугарската држава, за време на пописите во 1946 и во 1956 г. во Народна Република Бугарија над 170.000 бугарски граѓани се определиле како македонско малцинство.

Тој чин е дел од бугарската државничка историја. Толкуван од бугарска страна како „историска грешка“ од тогашното бугарско политичко раководство, како советски притисок или на друг начин,тоа е непобитен факт!

Дури и по одлуката на БКП на пленумот од 1958 и конечната „државна забрана“ за постоење македонско малцинство во Народна Република Бугарија во 1963г., на пописите во социјалистичка и во демократска Р.Бугарија се јавуваат бугарски граѓани што се деклaрираат како Македонци.

Р. Бугарија е потписник на Рамковната конвенција за национални малцинства при Советот на Европа. Во тој контекст, почитувањето на одлуките на европските судови за регистрирање на граѓанските асоцијации на бугарските граѓани што се самоопределуваат како Македонци, е интерно прашање на бугарската држава.

Меѓутоа, Р. Северна Македонија од цивилизациски и етички причини должна да води грижа за индивидуалните човекови права и граѓански слободи на бугарските граѓани што се определуваат како Македонци. Тоа не е мешање во внатрешните работи на Р. Бугарија, туку природен чин на почитување на европските и светските стандарди за човековите права.

Во Р. Северна Македонија, исто така, живеат македонски граѓани што се определуваат како Бугари по род. Чин на вистинско пријателство од страна на македонската држава кон Р. Бугарија би било вметнување на бугарското национално малцинство што живее на територијата на македонската држава во Уставот на Р. Северна Македонија, согласно одредбите на уставната преамбула како „дел од бугарскиот народ кој живее на територијата на Р. Северна Македонија“.

Карактерот на македонското општество диктира бугарските граѓани што живеат во современата македонска држава да ги имаат истите права како Албанците, Турците, Србите, Бошњаците, Власите и Ромите.

АПСУРДНО БАРАЊЕ

9. Инсистирањето на бугарската страна Македонците да признаат дека нивните историски корени се бугарски е апсурдно барање! Несомнено е дека бугарскиот патриотски дух е присутен на македонскиот простор низ вековите.

Од тука само по себе се подразбира дека интерференцијата на македонското население со бугарскиот етнос има одредени цивилизациски придобивки за неговиот севкупен развој. Но, сосема е извесно дека бугарскиот патриотски дух во областа Македонија никогаш не бил доминантен[4] во општествено-историскиот развој на македонското население.

Сосема идентично значење за цивилизацискиот прогрес на македонското население што се одвивал на македонскиот географски простор има и универзалното културно-историско наследство на античката македонска држава[5], историските документи за римскиот период на владеење со македонските теми, византиската политика на доселување на многубројни племиња и нивен соживот со домородното население во областа Македонија, опитот за обединување на македонските словенски склавинии, мистичниот фатализам и верскиот исихизам, кој овозможува опстојување на македонското население под отоманската власт, револуционерната борба на македонските востаници и напишаните книги на македонските преродбеници за посебноста на македонскиот народ и јазик!!!

Тоа е историскиот амалгам, тоа се напластените културно-цивилизациски вредности, кои што низ временскиот портал од 2.700 години ја формираат македонската културна вредност, а со формирањето на независна политичка заедница на македонскиот народ на 2 август 1944 г. се легитимира македонскиот национален идентитет и јазик, како етапа во осознавањето на македонскиот народ за својата посебност, при што особено значење има долговечноста на поимот и топонимот Македонија и етнонимот Македонец, како основен белег на македонскиот национален идентитет.

Македонската страна ќе мора да ги објави јавно документите за сите македонски граѓани кои што не се чувствувале Македонци и имале друга национална определба. Нужност е обелоденувањето на сите документи кои во себе содржат податоци за злоставување од страна на македонската држава кон сите македонски граѓани кои што се определувале како Бугари – како во идеолошки, така и во етнички контекст.

10. Р. Бугарија и Р. Северна Македонија се две суверени европски држави. Лоцираноста на двете држави на Балканскиот Полуостров означува можност за уште поблиска соработка. Наша обврска е да соработуваме, да градиме пријателски односи помеѓу македонската и бугарската држава, помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. И да се надеваме дека еден ден ќе бидеме сите Европејци, граѓани на Европа, кои со својот национален идентитет и јазик ќе ја збогатуваат европската различност.

 

Теодосие Гологанов,Ѓорѓија Пулевски,Гоце Делчев,Патар Поп Арсов,Војдан Чернодрински,Крсте Петков Мисирков,Христо Узунов,Методија Патчев….

[2] Најверодостојни сведоштва за карактерот на асимилациониот верски и образовен процес во кој што било вклучено македонското население, се наводите во писмата на Егзархот Јосиф 1872-1913 до бугарската влада, најегземпларно прикажани во книгата „Бугарскиот филетизам-проклетство или судбина“ на бугарскиот историчар Константин Георгиев.

[3] Анатема или проклетство поради недозволено националистичко дејствување спротивно на православните црковни канони.

[4] Единствена доминација на бугарската национална кауза на македонскиот географски простор е во период 1870-1913,кога Бугарската егзархија ја превзема улогата за верска и образовна асимилација на македонското население.

[5] Античкото културно наследство е по дефиниција универзална категорија и им припаѓа на сите племиња и народи кои што во античкиот период живееле на македонскиот географски простор.

Поврзани новости